Кавадаречкото музичко дуо Тања и Мики Тра Ла Ла и годинава ќе ги израдува матураните од Тиквешијата со бесплатни настапи, но и со донирање на хонорари на матуранти од семејства од социјален ризик, со цел да си купат свечена гардероба за прославата.
Музичарите кои се сопружници, веќе втора година по ред продолжуваат со оваа хумана мисија, на која се сетиле лани, кога биле ангажирани да им пеат на матурската забава на десеттина матуранти на самохрани родители, а тоа го направиле без хонорар, сакајќи да им ја разубават вечерта.
Од оние матурски забави, за кои добиле хонорар, истиот им го донирале на матуранти, а со средствата тие си купиле свечена гардероба од кавадаречки бутици.
-Дојдовме на оваа идеја бидејќи знаеме дека за матурантите оваа вечер е посебна, секој сака да си помине убаво и да има забава. Но, свесни бевме дека има многу семејства кои не можат да им пружат матурска забава на своите деца како што тие би сакале, поради тешка финансиска состојба. Токму поради тоа, објавивме дека бесплатно ќе им пееме на сите матуранти кои ќе не повикаат, на нивните домашни матурски забави.
На почеток, други луѓе ни посочија неколку семејства на матуранти, бидејќи тие, разбирливо, се срамеле самите да ни се јават.
Не можам да ви ја опишам радоста на семејствата кај кои пеевме на домашните скромни забави. Не пречекува самохрана мајка, која по цели денови работи за да донесе дома храна и да плати сметки, а нејзиното дете секако дека сака да има матурска забава како и повеќето негови врсници.
Во домот, скромно, со малку гости, но кога дојдовме со Тања и кога започнавме со музика, тоа беше голема радост за сите. Многу сме среќни што на ваков начин успеавме да израдуваме десеттина семејства во Кавадарци лани, веруваме дека и годинава ќе ја имаме истата можност.
Ги охрабруваме сите матуранти од социјално загрозени семејства, кои сакаат да им пееме, да не побараат, од срце ќе дојдеме да ја поделиме радоста, вели Мики.
Раскажува дека лани сите хонорари кои ги добиле со Тања од настапи на матурски забави во ресторани, на кои биле ангажирани, решиле да ги поделат помеѓу матуранти чии семејства не можеле да си дозволат да им купат свечена гардероба. Потоа тие матуранти си купиле се што им било потребно за матурската вечер од кавадаречки бутици.
-Оставивме матурантите самите да изберат од каде ќе си купат гардероба. Го правиме ова, бидејќи веруваме дека секое дете треба да има исти можности, дека секое дете заслужува ист третман. Посебно за еден ваков настан, кој во животот на секого е важен, матурската е нешто кое се памти, за кое децата долго се подготвуваат.
Неправедно е некои деца да имаат се на тањир, скап шопинг дури и во странство, музика, раскошна забава, знаеме дека има случаи кога родители на матуранти дури им подаруваат автомобили, а пак други да не можат да си дозволат барем малку весела атмосфера со музика во домот.
Поделената радост е зголемена радост, затоа со Тања сме среќни што можеме да создадеме убави спомени за матураните кои ќе не повикаат – раскажа музичарот.
Тој е присутен на сцената околу две децении, а од пред две години со сопругата го оформија дуото.
И во минатото често пати беше иницијатор и организатор на хуманитарни акции, посебно кога стануваше збор за финансиска помош на лица од Тиквешијата на кои им беше потребна помош за скапо лекување.
Неодамна со сопругата ја промовираа песната ,,Плетенка” а работат и на новиот албум. Имаат редовни настапи во повеќе градови во земјава.
Вики Клинчарова