Дуковски: Нема докази дека Чавков е виновен за „27 април“!

by fokus

На денешнто рочиште за случајот „27 април“, односно насилниот упад во Собранието, одбраната и 17-те обвинети ги даваат своите завршни зборови.

Прв завршен збор дава адвокатот на Митко Чавков, Сашко Дуковски.

Тој истакна дека станува збор за најголем предмет по важност од осамостојувањето на Македонија па се до денес, па токму затоа според него, одговорност за примена на законот и носење на секоја одлука била голема.

-За вакво кривично дело, каде најмала запретена казна е 10 години, во обвинението за Митко Чавков имаме една нецелосна реченица од дејствија на извршување. Како дејство на извршување се наведува: „Со неиздавање на наредба за распоредување на дополнителни полициски сили за внатрешно и надворешно обезбедувањ на Собранието“, и со тоа наводно се овозможува да се влезе во Собранието, рече Дуковски, кој додаде дека за вакво кривично дело никој не смее да биде прогласен за виновен.

Тој дообјасни дека нема дилема како е сторено кривичното дело, а потсети и дека во обвинението пишува дека делото е сторено со отворање на вратите, а не со неиспраќање на дополнителни полициски сили, при што го спомена и Крсто Муковски.

Дуковски истакна и дека Чавков, два дена пред упадот, на барање за дополнителни полициски сили одговорил позитивно, односно одобрил дополнителни 50 униформирани полицајци од Тетово и Охрид.

-Сепак наредниот ден Ивица Вучевски ги отповикал дополнителните полициски сили. Прво бара, па потоа самиот ги повлекува, вели Дуковски, кој поентираше дека СВР Скопје било надлежно за ангажирање на дополнителни полициски сили.

Адвокатот заклучи и дека обвинителството нема докази против Чавков.

-Сите ние можеме некого да сакаме или да го мразиме, но во судска постапка се почнува и завршува со имање или немање на докази за конкретно дејствие. Овде такви докази нема, рече адвокатот на Чавков.

Според Дуковски, проценката на ризикот за нарушување на јавниот ред и мир, и соодветниот одговор во тој правец е исклучиво во одговорност на СВР Скопје.

-Јас не познавам толку способен полицаец во целиот свет, кој при постоење на осум СВР да знае што се случува и со тоа да се занимава. Како што реков тоа е работа на конкретното СВР, а на оперативниот штаб, рече Дуковски.

Адвокатот посочи и дека сите во судницата го знаеле идентитетот на загрозениот сведок, но нема да го открие поради законските санкции.

Тој се осврна и на сведочењето на тогашниот министер Агим Нухиу, за кој како што рече, не сведочел, туки давал одбрана.

В.В.

 

Поврзани новости