Сашко Дукоски, адвокатот на Бојан Јовановски, во својот завршен збор за предметот “Меѓународен сојуз”, истакна дека овој случај е тенок и се базира на “рекла-казала” муабети.
-Во ниту еден единствен момент, ниту со било каков доказ, обвинителството не го утврди решителниот факт дека обвинетите го сториле кривичното дело, рече Дукоски.
Тој завршниот збор на обвинителот го опиша како “рекла-казала”.
-Прво нешто што е спорно како Монт Еверест, е прашањето, кој е оштетен во овој предмет? Силјан Мицевски или “Пелистер”? Истото се однесува и за бизнисменот Ардијан Амзоски. Тој бил полномошник на “Дрим Билдинг” и во никој случај не може да биде оштетен, истакна адвокатот на Јовановски.
Тој додаде дека оваа е веројатно првиот случај во македонското судство во кој постои ваква наводна измама. Појасни и дека во самиот договор на Јовановски со Мицевски, во случај на спор, се наведува дека надлежен е Основниот суд Скопје 2.
Тој истакна дека бизнисменот Силјан Мицевски прво не се чувствувал за оштетен, но кога му отишле во финансиска контрола, тој одеднаш се почувствувал за оштетен.
-Кој може да поверува дека Бојан можел да го измами Силјан Мицевски, еден од најуспешните бизнисмени. Кој е Бојан? Било кој од нас нека проба да му земе 72.000 денари, а не 720.000 евра на бизнисменот, истакна Дуковски.
Адвокатот посочи и дека обвинителството не понудило ниту еден доказ за перење пари.
За пензионерката Лилјана Тодоровска, која се појави како сведок во случајот, пак, адвокатот рече дека лаже.
Тодоровска, инаку е потписничката и идејниот автор на социјалниот проект за европски центар за возрасни. Таа на крајот на 2017-та на сметка добила и подигнала 720 илјади евра и плус персонален данок, кои според обвинителството завршиле кај Јовановски.
Исто така адвокатот Дукоски потенцираше дека и сведокот Агапи Дика не смеела да го има ова својство, туку да биде обвинета.
-Таа како претседател на Собранието на “Меѓународен сојуз” потпишувала и не може потоа да сведочи дека не знаела што потпишува. Па не и била одземена деловната способност, па да не знае што потпишува! Тоа е приказна за мали деца, заклучи Дукоски.
Судењето е во тек.
В.В.