Пеливанов: Боки 13 направил голема измама, а Ременски свесно му помогнала

by fokus

Останувам во целост на обвинителниот акт, бидејќи во текот на постапката се докажа дека обвинетите ги сториле кривичните дела. Вака обвинителот Трајче Пеливанов го започна завршниот збор за случајот “Меѓународен сојуз”.

-Навидум станувало збор за хуманитарно здружение, но хуманитарност остана само запишана на хартија, а во реалноста се случи измама, истакна обвинителот Пеливанов.

Тој потсети дека здружението на Бојан Јовановски, имало и неколку хумани акции, но тоа било се со цел да се остави добар впечаток во јавноста, односно за да се случи почетокот на големата измама.

-Измамата била направена за задоволување на личните материјални итереси на Бојан Јовановски. Но оваа измама не можела да се оствари доколку покрај него не биле обвинетата Јасна Ерцеговиќ, Фросина Ременски и Христина Блажеска.

Се што правеле, правеле заедно. Односно, како ќе измамите некој да ви плати над 719.000 евра, ако не оставите сигурен впечаток дека станува збор за сериозни луѓе, истакна Пеливанов.

Тој посочи дека Боки 13 околу себе имал луѓе кои можел да ги манипулира, а кои се појавија како сведоци во судница.

-Јовановски ги манипулирал за тој да ги остварува личните цели, заклучи обвинителот.

Тој појасни дека од изведените материјалните докази се докажало дека ги довел во заблуда бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, а со намера да прибави противправна имотна корист.

-И двајцата оштетени изјавија дека прво им бил презентиран проект за изградба на дом за возрасни лица, а за таа намена ќе било обезбедено државно земјиште. Склучиле договори.
Јовановски знаел дека не може да обезбеди државно земјиште, но ги држел во заблуда бизнисмените, истакна Пеливанов.

Тој потсети дека меѓу доказите е и фотографија од домот на Јовановски, каде што се гледаат парите, кои наместо за проектот ги потрошил за свои лични потреби. Парите, пак, според обвинителот Боки 13 ги искористил за купување на лукзузна облека, стан, финансирање на 1ТВ…

Неспорно се докажува и улогата на Ременски, да се создаде слика дека зад проектот стоела извршната власт, продолжи Пеливанов.

-Ременски била присутна речиси на секој состанок со оштетените. Тие пак сведочеа дококу таа не била присутна, немало да ги склучат договорите, бидејќи таа им влеала доверба и сигурност дека проектот ќе се реализира, бидејќи имале поддршка од власта. Многу успешно ја одиграла својата улога, а тоа е дека зад проектот стои извршната власт. Таа, била многу повеќе од само почесен претседател на невладината, истакна Пеливанов.

Обвинителот истакна и дека Ременски реагирала дека намерно и се нарушува угледот бидејќи била функционер, но тој појасни дека и тогаш и сега се криела зад својата функција.

-Таа се крие зад својата функција, а при претресот во нејзиниот дом произлегоа докази за нејзината вмешаност. Претресот беше направен во нејзиниот дом, а не во Собранието, каде што беше потпретседател. Таа ја користела функцијата за да му помогне на Јовановски во остварување на неговата цел. Свесно му помогнала на Јовановски во извршувањето на кривичното дело, заклучи Пеливанов.

Тој на судот му предложи обвинетите да бидат огласени за виновни. Исто така побара и обвинетите да им ја надоместата штетата на оштетените.

На завршниот збор на обвинителот се приклучини и Маја Дојчиновска, правен застапник на бизнисменот Мицевски, како и правната застапничка на бизнисменот Амзоски.

За случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Христина Блажеска, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ и Блажеска за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Валентина Вурмо

Поврзани новости