ДУИ: Влезот на српската Алта банка во Македонија е дел од продорот на српскиот свет

by vlatko 12:25
12:25

Навлегувањето на Србија во банкарскиот сектор преку „Алта банка“ не е само обична финансиска инвестиција, туку структурирана политичка и економска операција на Белград за обезбедување стратегиска контрола врз клучните институции на државата, со активна вклученост на владините партнери, вклучувајќи го и ВЛЕН, реагираат од ДУИ.

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за забрзувањето на продорот на српскиот свет во Северна Македонија, кој по српски Телеком, сега силно навлегува и во банкарскиот сектор преку Алта банка.

Извори од Народната банка информираат дека управувањето со Алта банка во Македонија се очекува да го преземе поранешната членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна вицегувернерка, Маја Кадиевска-Војновиќ, блиска соработничка на премиерот во областа на економијата.

Нејзиното назначување е резултат на личното лобирање на Мицкоски кај Александар Вучиќ, со што банката директно се поврзува со политичките структури на Србија“, велат од ДУИ.

Оттаму наведуваат дека и една од причините за именувањето на Трајко Славевски за гувернер била токму неговото ветување дека ќе ги отстрани сите пречки за влез на Алта Банка на домашниот пазар, и покрај предупредувањата на професионалците во Народната банка за ризиците што тоа ги носи за финансискиот углед на државата во очите на европските авторитети.

Како што објавија дел од медиумите, Стопанска банка АД Битола е на пат да добие нов сопственик-српската Алта банка.

Порталот „Пари“ објави дека Управниот одбор на Стопанска банка Битола добил официјално известување за намерата да се даде понуда за преземање од „Алта груп“.

Откупот би се извршил по износ од 3.777 денари за акција.

Слични вести