Светлечка реклама со порака „Зошто да не“, на албански јазик, постави ДУИ на скопското Кале, промовирајќи ја и на тој начин новата иницијатива на партијата – за прв премиер етнички Албанец во Северна Македонија.
Пратеникот Артан Груби објави на фејсбук фотографии и видео од светлечката реклама, која е видлива од повеќе локации во Скопје, а за која не се знае дали ДУИ има дозвола за поставување.
Иницијативата на ДУИ секојдневно ја промовира некој од партиските функционери, а денеска тоа беше министерот за образование Арбер Адеми, кој рече дека меѓу Албанците во земјава има кадри и за највисоките државни функции.
Иако ДУИ ги повикува сите албански политички фактори да се обединат околу оваа иницијатива, таа, главно, наиде на негативни реакции и во политичкиот камп на Албанците, со оценки дека станува збор за нов маркетиншки трик.