Нема веќе вонредна состојба, дозволен транзит за странци, но мора да излезат за 5 часа

by Fokus

Во соопштението по вечерашната владина седница нема ниту збор за вонредната состојба, која истекува на полноќ. Со тоа се отвора патот за одржување на предвремените парламентарни избори на 5 јули.

Премиерот Оливер Спасовски денеска рече дека нема потреба од вонредна состојба и оти избори мора да има. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, рече дека е подготвен за отстапка за изборите да се одржат на 8 јули. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нема услови со оглед на големиот број заболени од коронавирус.

На последната седница пред истекувањето на вонредната состојба, владата донесе Протокол за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Македонија, одобри барањата за помош на фирми и донесе уредби за поддршка на ученици и студенти.

До целосна либерализација на режимот за влез и излез од земјава, странците ќе може непречено да транзитираат низ Македонија, но само користејќи ги граничните премини Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и аеродром Скопје. При транзитирањето низ Македонија нема да смеат да излегуваат од соодветниот автопат или локален пат и земјава мора да ја напуштат за 5 часа.

Синоќа истече четвртата по ред вонредна состојба, а лидерите на политичките партии се уште не се договорила за датумот за избори. Изборите првично беа закажани за 12 април, а парламентот се распушти на 16 февруари, но поради пандемијата на коронавирус изборите беа одложени, а на 18 март беше прогласена вонредна состојба од 30 дена, која од тогаш се продолжува.

Поврзани новости