ДУИ ги поздрави измените во Законот за помилување, со кои на претседателот на државата му се овозможи да ја повлече аболицијата за оние лица кои тоа ќе го побараат од него.
Од партијата преку соопштените ги „охрабрија” сите 56 аболицирани лица што е можно поскоро да упатат барања до Иванов за да се повлече одлуката за помилување.
– По создавањето на законските услови за повлекување на одлуката за помилување, ДУИ, како потписник на Договорот од Скопје за надминување на политичката криза, бара Иванов да дејствува веднаш во согласност со неговите јавни изјави и да ја промени својата одлука за помилување, се вели во соопштението.
Од ДУИ сметаат дека со ова се овозможува решавање на политичката криза, која дополнително се продлабочи по одлуката на Иванов за аболиција.
Инаку, измените во Законот за помилување денеска по брза постапка и без дебата, ги изгласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Опозицијата не присуствуваше на седницата бидејќи според нив, аболицијата таа треба да биде целосна, а не по барање на помилуваните.