ДУИ преку дебарскиот градоначалник бара за трипати да се зголемат тестирањата за Ковид 19

by Frosina Fakova

Демократската унија за интеграции, албанскиот коалициски партнер во Владата денеска на прес – конференција која ја одржа дебарскиот градоначалник, Хекуран Дука, кадар на ДУИ, побара за трипати да се зголемат тестирањата за новиот вирус, Ковид -19, за како што велат, побрзо да се вратиме во нормала и да избегнеме друг бран.

– Досега имаме направено 19 739 теста во Северна Македонија, со 1 694 позитивни случаи. Дури и ако бројот на тестови во земјава се зголеми во текот на последните денови, тоа е поради тоа што ДУИ инсистира на оваа барање во Владата, и треба да продолжи со зголемување на бројот на тестови уште повеќе и веднаш. Ние треба да бидеме на врвот во регионот и меѓу најдобрите во Европа. Како идна кандидат за членка на ЕУ, веќе мора да се однесуваме како земја членка на ЕУ, или и подобро. Ова значи дека ние мора барем трипати да го зголемиме бројот на тестови по глава на жител и на неделно ниво. Како прв чекор, потребни се најмалку 500 теста на ден, а потоа бргу да се достигне бројката од 750 теста на ден, рече Дука.

Според него, тестирањето е единствениот начин да се претвори „непријателот“ во видлив и успешно да се бориме со него. Тој предлага да не се тестираат само граѓани со симптоми и оние што биле во контакт со заразени, туку редовно да се прават тестови и на репрезентативен примерок од населението за да се добие јасна слика за развојот на состојбата.

-Исто така, ни требаат периодични примероци од фабриките и другите места, каде што многу луѓе работат заедно. Зголемување на тестовите базирано на сериозна стратегија е клучно во борбата против вирусот, но и за укинувањето на ограничувањата и враќањето во нормалност што е можно поскоро. Професионалното следење треба да се комбинира со хигиенски мерки и самоодговорност за да се спречи ново проширување по укинувањето на ограничувањата. Тоа е единствениот начин да ги заштитиме нашите граѓани и економијата. Никој не би имал корист од укинување на ограничувањата, доколку дојде до друго избувнување и ќе мораме повторно да затвориме сè, вели Дука.

Дебар беше прва општина којашто беше во карантин и каде се појави првиот случај на корона вирус и сега е прогласена за општина што успешно се справила со епидемијата.

Поврзани новости