Во трката по парламентарно мнозинство, што сега е услов за обезбедување мандат за состав на влада, ДУИ продолжува да тактизира. Од партијата деновиве излегоа со контрадикторни ставови околу преговорите за коалиција во новата влада.
Откако претседателот Ѓорге Иванов најави дека мандатар ќе биде тој кој ќе обезбеди мнозинство во парламентот, од ДУИ порачаа дека за нив сите опции се отворени, односно, коалиција со ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, но и нови избори.
Подоцна, лидерот на партијата, Али Ахмети, во интервјуто за телевизија АРТ, рече дека преговорите со ВМРО-ДПМНЕ пропаднале и оти се отворени за разговор со СДСМ.
-Сега имаме нова ситуација, затворено е едно поглавје, треба да се отвори ново поглавје… ДУИ донесе одлуката дека ќе контактира и со ВМРО-ДПМНЕ, и со СДСМ. Со ВМРО-ДПМНЕ поглавјето се затвори, се отвораа друго поглавје со СДСМ и сега во наредните денови, ќе седнеме и ќе разговараме– изјави Ахмети.
И Талат Џафери, во емисијата „360 степени” вели дека коалиција со ВМРО-ДПМНЕ е искучена и во политичка влада и во широка коалиција.
– Не е време за предвремени избори. Ова значи дека се само две опции во игра – влада со СДСМ, или опозиција, порача Џафери.
Сега, СДСМ ја чека ДУИ да се изјасни дали ќе ја поддржат коалицијата за идна влада и ќе им ги достават нивните потписи. Извори од партијата велат дека постојат одредени контакти на различни партиски нивоа, но засега нема најава за официјална средба меѓу Заев и Ахмети.