ДУИ откако ги сменија униформите за одела гледаат како да лапнат повеќе тендери, вели Јовановиќ

by Fokus

Фатмир Бесими е добар економист. Има докторат од Британија, има работено во Народна Банка, уште пред да влезе во политика. Без дилема, многу поквалитетен од Нина. Но тоа не е битно. Битно е дека државните финансии ги препуштате на ДУИ.

Ова на својот Фејсбук профил го напиша професорот Бранимир Јовановиќ, кој своевремено беше советник во Министерството за финансии како дел од тимот на екс-министерот Драган Тевдовски, а сега честопати во јавноста од експертска позиција ја коментира финансиската состојба во државата.

Тој овој пат ја критикува одлуката на СДСМ како партија која го доби мандатот за влада, на коалицискиот партнер ДУИ да го отстапи Министерството за финансии, кое досега го водеше кадар на СДСМ. Тој смета дека со овој потег СДСМ се натерани да капитулираат.

За ДУИ вели дека ги интересираат само тендери, вработувања на свои членови, субвенции и дивоградби.

„ДУИ, кои откако ги сменија униформите за одела, гледаат само како да лапнат што е можно повеќе тендери, како да стават на државен платен список што е можно повеќе свои членови (по можност и да седат дома), како да поделат што е можно повеќе субвенции на свои гласачи, како да изградат што е можно повеќе дивоградби за своите бизниси. Во најголемата економска криза во поновата историја, кога илјадници луѓе остануваат без работа, кога многу мали фирми се на раб на затворање, кога економската активност паѓа повеќе од 10%. Затоа, ве молам, немојте да зборувате за тоа како економијата ви била важна, како ќе сте се фокусирале на неа, како ќе сте обезбедиле економски развој. Наведнете глава и молчете, јасно ни е дека ве натерале да капитулирате“, напиша Јовановиќ.

 

Поврзани новости