ДУИ не се согласува со досегашниот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ ниту околу „десоросоизацијата”, процес кој го измисли и најави Никола Груевски против сите невладини организации финансирани од Фондацијата „Отворено општество”.
Од ДУИ за телевизија „Алсат М“ велат дека имаат добра соработка со невладиниот сектор и велат дека државните органи треба да се занимаваат со можните сомнежи од аспект на финансирањето на невладините организации, а не со нивната дејност.
-Невладините организации треба да имаат можност слободно да работат. Истото се однесува и на Фондацијата „Отворено општество“. Државните органи треба и ќе реагираат само доколку постојат сомневања околу изворите на финансирање или доколку нивната дејност е спротивна на законот. ДУИ ќе продолжи да има коректна соработка со невладините организации во земјава- велат од ДУИ.
Инаку,терминот „десоросоизација” Груевски прв пат го употреби на протестот пред Државната изборна комисија и објави отворена војна со некои од медиумите и невладините организации, кои според нив, се финансирани од Џорџ Сорос и сакаат да ја дестабилизираат земјата.