Откако Фокус ја објави сторијата дека ДУИ земала кредит од околу 900 илјади евра за да купи објект во кругот на Телеком во Тетово со површина од над 1.400 квадрати, кој претходно го поседувале компании што може да се доведат во релација со партијата, денеска реагираше опозициската Алијанса за Албанците.
Пратеникот на оваа партија, Аднан Незири, денеска одржа прес-конференција пред новиот објект на ДУИ, истакнувајќи дека неговото купување отвора многу сомнежи, кои, како што рече, претставуваат предмет за работа на истрагата и обвинителството.
-Медиумските истражувања дознаваат дека овој објект бил во сопственост на приватна фирма, која потоа го продала на втора фирма, за на крајот да го купи ДУИ. Од компанијата велат дека зградата не била изнајмена, а сите тетовци се сведоци дека со години овде останува натписот на Унијата на Младите на ДУИ. Прашуваме врз која основа ДУИ го користела овој објект во изминатиот период – праша Незири.
Тој посочи дека фирмата која првично била сопственик на овој објект е позната како една од најпрофитабилните компании која добила многу тендери од институции раководени од функционери на ДУИ.
-Од оваа партија рекоа дека за купување на објектот добиле кредит од 900.000 евра кој ќе го вратат за 7 години. Тоа значи дека ДУИ ќе треба да враќа 128 илјади евра годишно, не сметајќи ја тука каматата. Од каде ќе ги добие ДУИ овие пари, од каде се сигурни дека ќе ги обезбеди – праша Незири.
Воедно, тој додаде дека поголемиот дел од овој објект е во сопственост на Македонска Пошта и Телеком, која, како што нагласува, во Македонија влезе како инвестиција на компанијата Маџар Телеком.
-Каква случајност – рече Незири, алудирајќи на аферата Маџар Телеком, во која беа вмешани и високи функционери на ДУИ.
Како што веќе пишуваше Фокус, ДУИ го купила овој објект од компанија на Елита Зулбеари Маша, која не ја крие наклонетоста кон ДУИ, но знаела да испорача и критики.
Впрочем, таа реагираше кога ДУИ во последната Влада не номинираше ниту една жена, порачувајќи дека би организирала протести во Мала Речица, доколку била на чело на партискиот Форум на жени.
Претходно, пак, десетина години бил во сопственост на АК-Инвест на Азби Ибрахими, чиј син Фитим Ибрахими своевремено го формираше друштвото за трговија со струја „У-Повер“, заедно со Аријанит Џафери, син на поранешниот министер и вицепремиер од ДУИ Муса Џафери.
Како што е познато, „АК-Инвест“ изминативе години влезе во групата на најуспешни градежни компании во земјава, врз основа на приходите и добивката што ја оствариле. Покрај бројните приватно спонзорирани проекти, оваа тетовска компанија добивала и тендери.
По објавата на Фокус, предмет отвори и Антикорупциската комисија, од каде не информираа дека ќе ги испитаат објавените наводи.
Влатко Стојановски