Антикорупциска ќе испитува како ДУИ стекнала зграда во Тетово

ДКСК оформи предмет по објавувањето на сторијата во Фокус дека „интегративците“ купиле објект од над 1.400 квадрати.

by Фокус

Државната комисија за спречување на корупција ќе оформи предмет за проверка на наводите изнесени во сторијата објавена во Фокус дека политичката партија ДУИ стекнала сопственост врз објект во центарот на Тетово, во кругот на „Телеком“, не известија од ДКСК.

Според податоците што ги обезбедивме од Катастарот на недвижности, станува збор за објект со приземје и 3 ката, чиј габарит изнесува 452 квадратни метри, а внатрешната површина 1.423 квадратни метри.

Како што ни изјави Бејтула Адеми, прв човек на финансискиот оддел на ДУИ, за да го купат овој објект подигнале банкарски кредит од околу 900.000 евра, со период на враќање од 7 години.

Инаку, документацијата со која располагаме открива дека претходните сопственици на објектот може да се доведат во релација со партијата, но и со институции раководени од „интегративците“.

Поточно, ДУИ го купила објектот од компанијата „Инфинити-МГ“, неодамна преименувана во „Зега Груп“. Според Централниот регистар, сопственик на оваа компанија е менаџерката на познатата „Вилсон Школа“, Елита Зулбеари-Маша.

Таа не ја крие наклонетоста кон ДУИ, но знаела да испорача и критики. Впрочем, таа реагираше кога ДУИ во последната Влада не номинираше ниту една жена.

Претходно, пак, објектот бил во сопственост на познатата тетовска градежна комапнија „АК-Инвест“ на бизнисменот Азби Ибрахими.

За потсетување, неговиот син Фитим Ибрахими своевремено го формираше друштвото за трговија со струја „У-Повер“, заедно со Аријанит Џафери, син на поранешниот министер и вицепремиер од ДУИ Муса Џафери.

Како што е познато, „АК-Инвест“ изминативе години влезе во групата на најуспешни градежни компании во земјава, врз основа на приходите и добивката што ја оствариле.

Покрај бројните приватно спонзорирани проекти, оваа тетовска компанија добивала и тендери. Според Бирото за јавни набавки, фирмата склучила повеќе договори за јавна набавка со органи предводени од кадри на ДУИ.

Притоа, најголем е договорот со Министерството за екологија за изградба на фекална и атмосферска канализација во Гостивар, вреден 130 милиони денари.

Од компанијата ни одговорија дека зградата што денес е во сопственост на ДУИ ја купиле во 2011 година од „Албнор Компани“ за 650.000 евра и за исто толку пари и ја продале на „Инфинити-МГ“, односно на денешна „Зега Груп“, во 2020 година.

За цел овој период од 9 години, истакнуваат од компанијата, објектот ниту го користеле, ниту го издавале под закуп, туку, како што посочуваат, недвижноста цело време стоела „празна и осигурана“.

В.С.

Поврзани новости