ДУИ и во 2021 незаконски се финансирала, а за незаконската донација од 2022 се чека ревизија

by fokus

Државниот завод за ревизија ги објави конечните ревизорски извештаи на политичките партии што се однесуваат на сметките на редовно работење во 2021 година, кои, меѓу другото, откриваат нерегулиран имот и неуредни донации во СДСМ, замрзнат имот и неизмирени обврски во ВМРО-ДПМНЕ, како и уплатени чланарини над законскиот лимит во ДУИ.

Во однос на донацијата на ДУИ од 2022 година која е над дозволениот законски лимит, а за која „Фокус“ пишуваше, таа не стигнала на дневен ред на ревизорите.

И во 2021 година ДУИ не ги почитувала лимитите, овојпат за висината на чланарината, како вториот извор на финансирање покрај донациите.

ДЗР констатира дека дел од членовите на партијата имаат уплатено средства за членарина над законски дозволениот лимит. Висината на членарината како еден од приватните извори на финансирање на политичките партии, кој членот на партијата го плаќа годишно како редовен износ е уредена со член 14 од Законот за финансирање на политичките партии согласно кој „износот на членарината за период од една година на секој член поединечно, не смее да биде повисок од една просечна исплатена нето плата во Република Северна Македонија во претходната година, што ја објавува Државниот завод за статистика“.

ДЗР се уште ја нема проверено донацијата на ДУИ од лицето Ељмедин Адеми од 2022 година која за речиси три пати го надминува дозволениот законски лимит за донации од физички лица.  Оваа донација на дневен ред на ревизорите ќе дојде кога ќе прават ревизија на извештаите за 2022 година, а според методологијата, тоа треба да се случи во текот на оваа година.

Според Законот за финансирање на партиите, доколку некоја партија прими донација која го надминува лимитот, тогаш истата треба да ја врати на донаторот во рок од 30 дена. Доколку тоа не го направи, ДЗР тоа го констатира во ревизорскиот извештај и потоа може да го информира Обвинителството за утвредена неправилност.

„Фокус“ до сознанието за незаконската донација дојде кога почна да го истражува тендерот за изградба на полициска станица во Аеродром вреден околу два милиони евра, кој го доби фирмата за градежништво „Еуровиа ДООЕЛ“ на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер Абдулаќим Адеми.

Истражувањето на овој тендер објавено во неделникот „Фокус“ не само што не доведе до најголемиот донатор на ДУИ за 2022 година, туку откри уште еден скандал.

Имено, фирмата „Еуровиа“ која ќе ја гради полициската станица во Аеродром, чија изградба треба да стартува оваа година, и нејзиниот сопственик Ељмедин Адеми се најголеми донатори на ДУИ за 2022 година.

Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице и донирал 2.509.200 денари, додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари.

Според последните измени на Законот за финансирање партии, физичко лице на партија смее да донира износ не повисок од 30 просечни плати. Просечната плата во ноември 2022 година, последен месец за кој имало податоци во текот на 2022 година, а воедно и месец со највисока просечна плата во 2022 (без декември) изнесувала 33.011 денари.

Ова значи дека највисокиот износ кој физичко лице смеело да го донира во текот на 2022 година бил 990.330 денари. Сопственикот на „Еуровиа“ со донацијата од 2.509.200 е речиси три пати над законскиот износ.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости