ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија која го испочитува рокот синоќа до полноќ да достави листа до Државната изборна комисија, односно до Општинските изборни комисии, со предлози за членови на избирачкиите одбори. Според се уште неофицијални информации, тоа не го сториле албанските ДУИ и ДПА, што може да се протолкува во правец дека тие се против оддржување на предвремени парламентарни избори на 5-ти јуни во вакви околности.
Очекувано, и најголемата опозициска партија – СДСМ, не го стори тоа, ако се има во предвид нивниот став дека ќе ги бојкотираат изборите ако претходно не се спроведат неопходните реформи, кои патем ги побара и меѓународната заедница – прочистување на избирачкиот список, реформа во медиумите и одвојување на партијата од државата. Повторувајќи ги ваквите барања, партискиот лидер Зоран Заев вчера на фејсбук напиша дека мора да се аболицијата за осомничените во предметите на Специјалното јавно обвинителство и да се свика собранието за да се одложат изборите.
Инаку, ДПА досега не соопшти јасен став околу тоа дали ќе учествува на избори без останатиот дел од опозицијата, иако во една прилика од таму навестија дека не се исполнети условите за фер и регуларни избори, што се косеше со однесување на нивниот член во ДИК во однос на избирачкиот список. ДУИ, пак, првично соопшти дека ќе излезе на избори, кои, како што сметаа од таму, ќе придонесат за надминување на политичката криза, но очигледно дека ретерираат од почетниот став, што воедно можеше да се забележи и од јавните настапи на лидерот Али Ахмети.
Законски, доколку партиите кои имаат такво право не предложат членови за ОИК тие ќе се пополнат од редовите на администрацијата, а следна точка која дефинитивно ќе одреди која партија има a која нема намера да настапи на изборите ќе биде 11 мај, кога е последниот рок до кој партиите и коалициите мора да поднесат листи со кандидати за пратеници. Во меѓувреме се водат преговори за излез од ваквата компликувана ситуација која најверојатно ќе заврши со одложување на изборите или со уште подлабока политичка криза.