Духот на фрлената во стечај „Виста процесинг“ постои во новата „Виста груп“, која лапа милионски тендери?

by Фокус

Текстот е објавен на 11. март 2011 година во неделникот „Фокус“.

Пишува
Владо АПОСТОЛОВ

 

Десет припадници на безбедносните сили на Република Македонија биле убиени, а тројца се повредени во нападот што припадниците на ОНА го извршиле врз воениот конвој кај местото Карпалак на автопатот Скопје – Тетово. Конвојот бил нападнат од заседа на 8 август 2001 година, утрото во 9.30 часот. Вака на интернет-енциклопедијата Википедија е запомнет денот кога се случи големата трагедија кај Карпалак.

Она што е важно да се спомене за нашиот текст е дека истиот ден во Скопје, на тој трагичен 8 август 2001 година, е формирана фирмата „Виста процесинг“ за којашто Фокус веќе пишуваше. Веќе објавивме два текста за оваа компанија и за нејзината поврзаност со случајот на Националната платежна картичка.

Имено, регистриравме дека оваа фирма била во сопственост на Дарко Дулиќ, синот на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благородна Дулиќ, и на извесен Стефан Пулејковски, чие име и презиме се поврзуваат со Пливачката федерација на Македонија!

 

ОД КАЛ ДА Е – ВИСТА ДА Е!

До сега напишавме дека „Виста процесинг“ на Дулиќ во 2002 година добила бизнис од три милиони евра од Министерството за финансии, каде што главен бил Никола Груевски, а парите ги добила за потребите на НПК, каде што, пак, директор бил денешниот претпоставен на Дарко Дулиќ во Царината – Владимир Мијалков, кој е и прв братучед на Груевски!

Она што е важно да се спомне е дека Државниот ревизор во 2004 година не бил убеден дека воопшто пристигнала опремата од оваа фирма, која отишла во стечај само една година откако го добила бизнисот вреден околу три милиони евра!

Дополнително, од Основниот суд Скопје 2 сега добивме објаснување дека за оваа фирма на 20 март 2003 година била отворена стечајна постапка и дека истиот ден стечајот завршил!

Претпоставка е дека фирмата немала никаков имот и дека немало доверители, односно фирми или поединци на кои „Виста процесинг“ би им должела пари, па токму затоа била експресно затворена!

Во тој период, во 2003 година, газдите на фирмите можеле да го затворат својот бизнис поради некоја идна неликвидност, односно, да претпостават дека во блиска иднина нема да им врви работата и да ја затворат фирмата пред да направи загуби!

Судејќи според извештајот на Државниот ревизор, чудно е што фирма која добила три милиони евра од државава, само по нецела година може да биде загрозена за опстанокот, но, сепак, таа отишла во стечај!

Да потсетиме и дека во минатиот број пишувавме оти седиштето на оваа фирма било во скопски Аеродром, во близина на супермаркетот Веро. Но, според телефонскиот именик на Македонски телекомуникации од 2003 година, оваа фирма имала и друго седиште!

Во овој именик пишува дека „Виста процесинг“ тогаш можела да се најде на улицата „Народен фронт“ во скопски Капиштец во близина на трговскиот центар Беверли Хилс!

Интересно е дека во Скопје и ден-денес функционира една компанија, која, исто така, работи во областа на информатичката технологија (народски кажано – компјутерска фирма) и која во називот го има зборот – „Виста“!

Она што е уште поинтересно е дека на неколку интернет-сајтови може да се најде дека седиштето на оваа нова фирма се наоѓало на, ни повеќе ни помалку, туку на местото каде што била стационирана и „Виста процесинг“ на адресата на „Народен фронт“!

Меѓу другото, на сајтот на „Касис“ може да се види дека еден од домашните партнери на оваа компанија е фирмата „Виста груп“ која има адреса на „Народен фронт“, истиот стан каде што било седиштето и на „Виста процесинг“. Не е на одмет да потсетиме дека „Касис“ е всушност фирмата-наследник на Националната платежна картичка, откако ова државно акционерско друштво се приватизираше!

Денес, фирмата „Виста груп“ се наоѓа на сосема друга адреса, а според Централниот регистар, сопственик и управител на оваа фирма е извесна Ана Анчевска, која, од она што до сега го знаеме, нема никаква врска со газдите на „Виста процесинг“ – Дарко Дулиќ и Стефан Пулејковски. Но, она што е интересно е дека оваа фирма е формирана во октомври 2003 година, нецели седум месеци откако е згасната компанијата „Виста процесинг“!

Од друга страна, на интернет може да се најдат информации кои укажуваат на тоа дека Стефан Пулејковски, сепак, можеби има некаква врска со оваа компанија!

Па така, Утрински весник во октомври 2008 година пренел информација дека шпанската компанија „Инвал“ која во нашава држава има формирано мешовита шпанско-македонска фирма „Виста Групација“ е подготвена да изгради 50 ветерници за производство на електрична енергија, а инвестицијата е најавена дека ќе се случи во близина на градот Штип. Понатаму, во текстот на Утрински се вели дека прв човек на оваа групација е Стефан Пулејковски!

Во минатиот број напишавме дека името на Пулејковски се поврзува со Пливачката федерација и оти тој таму е генерален секретар, но, според информациите на Дневник од 2006 година, тој тогаш станал и претседател на оваа федерација!

 

ОМИЛЕН ТЕНДЕР-ПАРТНЕР НА ГРУЕВЦИ!

Па така, на интернет многу лесно може да се провери дека фирмата што го регистрирала сајтот на Олимписки базен во Скопје е никој друг, туку „Виста груп“!

Ќе се согласите дека е малку чудно, оваа фирма да го регистрира сајтот на Олимписки базен, ама од друга страна само ќе потсетиме дека газдата на „Виста процесинг“ има исто име и презиме со претседателот на Пливачката федерација – Стефан Пулејковски!

Токму поради сите овие информации, кои секој може да ги пронајде на интернет, се обративме до фирмата „Виста груп“ и таму го побаравме господинот Пулејковски. Интересно е дека службеничката која се јави на телефон, не рече дека таков човек не постои во нивната фирма, туку побара наш телефон за да може да му пренесе на Пулејковски дека сме го барале.

Службеничката одби да ни одговори, каква е улогата на Пулејковски во „Виста груп“ со образложение дека таа не може да ни даде таква информација и ни потенцираше дека нема никаква врска меѓу двете фирми!

Штом таа не знаела – немало врска!

Сите овие работи укажуваат на некаква поврзаност на Пулејковски со „Виста груп“ но има и уште една работа која е слична меѓу двете фирми со зборот „виста“ во називот. Тоа се, имено, државните пари. Да, ревизорот во 2004 година покажа дека „Виста процесинг“ добила дури три милиони евра од Министерството за финансии во 2002 година, додека според сајтот Е-набавки- „Виста груп“ има добиено повеќе јавни набавки од државните институции последниве две преродбенички години!

На овој сајт може да се избројат вкупно десет зделки што фирмата „Виста груп“ ги добила во периодот од 2008 година до 2010. Ако се собере вредноста на сите договори, се добива сума поголема од еден милион евра, пари што оваа фирма ги добила од различни државни институции!

Па, така, „Виста груп“ за универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има набавено компјутерска опрема и опрема за видеоконференција во два наврати. За една зделка добила околу 115.000 евра, а за другата нема информации на сајтот Е-набавки!

Скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ има четири набавки од оваа фирма во вредност од околу 10.000 евра, а софтвер од „Виста груп“ набавиле и Македонски железници-Транспорт!

Како муштерија на оваа компјутерска фирма се јавува и Министерството за информатичко општество, кое од „Виста груп“ и уште од три фирми набавило систем за меѓусебна размена на податоци вреден речиси 800.000 евра!

Исто така, фирмата изработила софтвер за владиниот Секретаријат за европски прашања во вредност од нешто повеќе од 600.000 евра!

Но, она што е најинтересно е дека оваа фирма соработувала и со Царината, местото каде што во моментов работи поранешниот партнер на Пулејковски – Дарко Дулиќ, и братучедот на Груевски – Владимир Мијалков, и двајцата поврзани со аферата за Националната платежна картичка. Царината на оваа фирма, според Е-набавка, и исплатила нешто повеќе 60.000 евра!

Поради сето ова, прашање е дали „Виста груп“ има некаква поголема врска со „Виста процесинг“ фирмата која ќарила три милиони евра државни пари и експресно згаснала, а била формирана само две години пред да пропадне?

И тоа била формирана за време на воениот конфликт, точно на датумот кога се случи страшната трагедија кај Карпалак!

 

Портокалов молк
ШТАМА ВО ВМРО-ДПМНЕ!

Фокус е навикнат да биде игнориран од ВМРО-ДПМНЕ, од дел од министерствата и од државните институции. Таков резултат добивме и минатите две недели, кога се обидувавме да добиеме одговор од личностите инволвирани во случајот НПК, а кои сега се на одредени функции во Царината.

Сепак, кога минатиот број објавивме дека синот на пратеничката Благородна Дулиќ е дел од аферата на Националната платежна картичка повторно не стигна никаква реакција, ниту демант до нашата редакција. Тоа до некаде беше и очекувано. Но, со оглед на тоа што нашата приказна ја презеде и А1 телевизија, очекувавме владејачката партија да реагира на овој ТВ-прилог, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ речиси редовно испраќа деманти на оваа телевизија!

До затворањето на весникот, ниту во А1, а ниту кај нас не стигна никаква реакција. Можеби преродбениците биле зафатени со 14-от конгрес во Битола, па немале време да реагираат, а можеби некои од нив едноставно избегале од камерите на телевизиите во случај да не бидат прашани за аферата околу НПК!

Како и да е, многу чуден е овој молк кај властодршците, оваа штама, која, еве, веќе втора недела трае во врска со Националната платежна картичка, околу чие работење и приватизација изразија сомнежи и Државниот ревизор и Антикорупциската комисија!

 

Игнорирање
АНТИКОРУПЦИСКА ПОБАРАЛА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДУЛИЌ ОД ЦАРИНАТА?!

Според нашите извори, до Антикорупциската комисија, во ноември 2006 година, стигнала претставка во врска со вработувањето на Владимир Мијалков и Дарко Дулиќ во Царината. Претставката се однесувала на двајцата истовремено и нејзината содржина била дека Дулиќ нема соодветно образование за работното место што го држи во Царината – помошник директор во Секторот за контрола и истраги.

Антикорупциската има донесено заклучок со кој и препорачува на оваа институција, Дулиќ да биде разрешен, но тоа до ден-денес не се случило.

Прашање е, значи, која е таа сила што го држи овој човек во Царината? Се разбира, одговорот можеме само да го нагаѓаме!

Поврзани новости