ДСЗИ ќе спроведе постапка за одговорност во врска со родилката која се обиде да се самоубие на Гинекологија

by Fokus

Иако родилката имала знаци на вознемиреност, дежурните лекари на скопска Гинекологија кои биле на смена не инсистирале на преглед од страна на психијатар.

Ова се однесува за родилката која во неделата се обиде да си го одземе животот скокајќи од прозорец на Клиниката.

Од ДСЗИ за тв Сител изјавиле дека пропуст е пронајден само кај клиниката за Гинекологија и акушерство, но не и на психијатрија, бидејќи на смена имало дежурен специјалист, а не било заведено барање за конзилијарен преглед за пациентката.

„Од извршениот надзор во ЈЗУ УК ГАК констатиран е пропуст во делот на реализирање на конзилијарните прегледи побарани во два наврати за родилката, со оглед на тоа што истите не се реализирани. Во врска со наведеното ДСЗИ, со решение ќе наложи на одговорните лица на ЈЗУ УК ГАК спроведување на постапка за утврдување на одговорност од страна на здравствените работници кои до крај не ја спровеле постапката за обезбедување на доктор, специјалист по психијатрија“ – изјави директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска за телевизијата.

Од Гинекологија пак соопштија дека кај пациентката биле присутни знаци на лесна вознемиреност и ги негираат наводите на ДСЗИ дека таа не добила медицинска нега од страна на соодветно лице. Велат дека според сите протоколи, таа веднаш е видена од стручно лице за ментално здравје – психолог магистер по клиничка и советодавна психологија, кое е стручно лице вработено на ЈЗУ У ГАК-Скопје за проценка на вакви состојби.

„По извршениот разговор со стручното лице не е нотирано дека пациентката пројавила симптоми кои укажуваат дека постои закана од суицид. Поради веќе утврдените симптоми на лесна вознемиреност, истиот ден е креиран упат за проценка на натамошната состојба и за евентуалната потреба од дополнителна терапија од страна на психијатар пред испис“ – се вели во соопштението од ГАК.

Проценката од стручното лице била дека се работи само за знаци на лесна вознемиреност која е честа состојба кај родилките и не е индикација за ургентно да се повика психијатар.

Поврзани новости