„Врховниот суд во Грција, својата одлука за одбивање на барањето за екстрадиција за Бошкоски и Грујевски ја заснова на поништена одлука за аболиција“, соопштуваат денеска од Демократскиот сојуз.
„Како што е познато во почетокот на 2016 година Ѓорге Иванов донесе одлука за аболиција на 56 лица, повеќето од нив носители на високи државни и политички функции. Меѓу аболицираните беа и Бошкоски и Грујовски.
Под притисок на јавноста, во јуни 2016 година, оваа одлука Ѓорге Иванов, ја повлече односно ја поништи, со што истата не може да се користи како основ за ослободување од кривична одговорност или за одбивање на барање за екстрадиција.
Одлуката на Врховниот суд во Грција отвора дилеми дали надлежните институции (Министерството за правда, Кривичниот суд што ја води постапката против Бошкоски и Грујовски и др.) во Република Македонија ги презентирале сите факти пред судовите во Грција.
Овој случај само ја потврдува потребата од итни, сериозни и длабински реформи и во судскиот систем и државната администрација. За овој и за многу други случаи треба детална анализа и утврдување на одговорноста на сите кои го кршат уставот и законите“, додаваат од ДС.