ДС обвинува дека градоначалници се вклучени во криминална шема за легализација на дивоградби и узурпација на државно земјиште

by fokus

Демократскиот сојуз обвинува дека процесот за легализација на дивоградби е злоупотребен од страна на бизнисмени, кои во спрега со градоначалници на некои скопски општини, узурпирале државно земјиште. Од партијата на Павле Трајанов велат дека процесот на легализација е пропратен со криминални и коруптивни елементи.

„Големи компании легализираа стопански објекти и други градби без да платат комуналии. Најголем криминал се прави со изигрување на законот на тој начин што после определениот критичен датум (3-ти март 2011 година ) на државно земјиште се гради импровизиран станбен објект, градоначалникот го легализира, се врши откуп на 500 м2 по цена од 1 евро по квадратен метар ,потоа се проширува плацот (повторно на државно земјиште)  по багателна цена и на крај најчесто се продава по многу повисока цена (од 30 до 100 евра метар квадратен). Сите вклучени во овој нелегален бизнис грабаат од државниот имот“, велат од партијата.

Посочуваат дека овој криминал лесно се открива врз основа од снимките направени преку Google каде јасно се гледа што било изградено до критичниот ден кој се зема како основа за легализација на дивоградбите.

„Очекуваме оваа појава да се сосече во корен, а градоначалниците кои во изминатите години правеле ваков криминал да понесат одговорност“, порачуваат од ДС.

Поврзани новости