Говорот на Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија, пред пратениците, наместо сплотеност, единство и владеење на правото, повеќе беше во функција на заштита на тие што го кршеа Уставот и законите и ја загрозуваа безбедноста на државата, со што дополнително ќе се зголемат поделбите и сомнежите на граѓаните во владеење на правдата и подеднаква примена на законите, велат од Демократски Сојуз по обраќањето на претседателот во парламентот.
„Грабежот на имотот на граѓаните, газењето на основните човекови права, масовното прислушување, кршењето на изборните правила, насилствата во Парламентот и другите еклатантни примери на злоупотреби од разулавената власт во изминатите десет години, Иванов не ги приметуваше и не реагираше, затоа денешниот негов настап е фрлање прав во очите на јавноста и перење од гревовите“, посочуваат од таму.
Од партијата очекуваат одговорност да понесе секој функционер кој ја злоупотребил својата службена положба.
„Не се сомневаме дека секој што ја злоупотребил власта и довербата на граѓаните за тоа порано или покасно ќе понесе одговорност. Демократскиот сојуз промените ги поддржа, за да се создадат услови за подобар живот за сите и Македонија силно да чекори кон стандардите на Европската Унија“, велат од партијата на Павле Трајанов.