Државно-правен садо-мазохизам

by Фокус

Логично е да се очекува во иднина да настрада некоја периферна „ѕверка“ како јавна демонстрација за „функционирањето на правната држава“ или, пак, како константа дека „рибата смрди од главата, ама се чисти од опашката“

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Процесите што се случуваат во Јавното обвинителство на РСМ, особено по режираниот избор на прв човек на ЈО ГОКК, недвосмислено укажуваат дека на сцена е пресретнување и политичко-институционална превенција за контролирање и блокирање на „државата“ во борбата против организираниот криминал и корупција.

Станува јасно дека нема подобар и поефикасен начин за одржување и заштита на криминалот и корупцијата отколку тоа да се прави преку „институциите на системот“. Не дека станува збор за некој новитет, туку, и, само, за доследно и дрско реализирање на таквите намери.

Одамна е извесно дека само контролата врз институциите на системот, особено врз Јавното обвинителство и судовите, им дава целосна сигурност на носителите на криминално-коруптивните дејства дека никогаш и никаде нема кривично-правно да одговараат за своите недела.

Со други зборови, криминализацијата на државата „однатре“ е најдобриот и најсигурниот начин на одржување и преживување на Република Криминална Македонија.

ВЕРУВАЛЕ ИЛИ НЕ“

Како поинаку да се разбере фактот што речиси сите (поточно 92 отсто) од граѓаните немаат доверба во судиите и обвинителите, т.е. во персоналните носители на „правната држава“, ама, во пракса, обвиненијата и пресудите на овие институционални криминалци без никакви пречки се во правниот промет на државата!

Политичките, правните, материјални и финансиските штети што тие ги предизвикуваат се огромни и ненадоместливи, подеднакво, како за граѓаните, така и за државата во целина.

Се чини дека е за рубриката „Верувале или не“, но правен факт е дека судии на Основниот и Апелациониот суд во Штип донеле правосилна пресуда дека државната компанија на Република Финска, производител на реномираната марка на вотка „Финландија“, е во сопственост на физичко лице граѓанин на Руската Федерација.

Згора на тоа, и обвинителите од Основното и Вишото јавно обвинителство со свој печат и потпис потврдиле дека станува збор за „слободно судско убедување“. Се разбира, поткрепено со десетици илјади евра поткуп!

Што е во однос на ова одобрувањето на македонското државјанство на рускиот олигарх-криминалец Олександар Онишченко!?

Што да се каже!? Особено ако се знае дека и државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски, повеќе од година упорно во својата фиока ги држи и крие кривичните пријави за овој организиран криминал од највисок профил.

Оттаму и оправданоста на сомнежот кај најголемиот дел од правната фела и кај граѓаните дека изборот на новиот шеф на ОЈО ГОКК не оди во прилог на засилување на борбата против организираниот криминал и корупција, туку, напротив, во правец на негова заштита и амнестија.

ПАНДОРИНА КУТИЈА

Никој, ниту треба, ниту може да бара Владата и Собранието да се мешаат во определени одделни и конкретни случаи, кои се водат во обвинителството и во судовите.

Но, ниту Владата, ниту Собранието не можат да се изземат и себеси да се амнестираат од одговорноста за сеприсутноста на криминалот и корупцијата во институциите на системот и, особено, во судовите и обвинителствата.

Тоа е политички крајно неодговорно, како кон граѓаните, така и кон државата! И владата и Собранието имаат политичка и институционално-правна одговорност за функционирањето на правниот поредок во државата.

Правниот поредок е ’рбетниот столб на политичкиот систем, и без негово постоење, во прашање се доведува функционирањето на самата држава.

Секое правење „На Тошо“ дека нема криминал и корупција во институциите на системот, особено во така витални државни институции, како што се судството и обвинителството, политички е катастрофално и претставува доказ за субјективитетот на правно-политичкиот профил на државата.

Монополот на ДУИ, СДСМ и ДПМНЕ, во водењето на кадровската политика во правосудниот систем е основната причина за ваквите крајно негативни состојби во највиталните органи, кои треба да го штитат правниот поредок.

Тоа ги прави смешни, подбивни и неодговорни изјавите на кој било партиски „лидер“ во однос на нивната подготвеност за борба против криминалот и корупцијата. Ако навистина се искрени во своите изјави и во намерата да се борат против криминалот и корупцијата, сите парламентарни партии имаат законска можност (уште повеќе и должност), тоа прашање да го наметнат на дневен ред во Собранието.

Оттаму и отсуството на таквата расправа во Собранието (па, и пошироко во правната фела и општеството) не значи ништо друго, освен страв да не се отвори Пандорината кутија на одговорноста.

А од неа се плашат сите редум, како властодршците, така и опозиционерите! Тогаш илузорно е тоа да го направи Јавното обвинителство, а особено ЈО ГОКК, кога се знае дека тие ниту имаат волја, ниту, пак, имаат моќ да се справат со организираниот криминал и корупција во сопствените редови, а збор да не станува за криминалот и корупцијата во државата.

Затоа логично е да се очекува во иднина да настрада некоја периферна „ѕверка“ како јавна демонстрација за „функционирањето на правната држава“ или, пак, како константа дека „рибата смрди од главата, ама се чисти од опашката“.

Поврзани новости