Државна прослава по повод формирањето на Војска на Косово: „Ќе ги штитиме и Србите на Косово“

by fokus

По денешното усвојување во косовското Собрание на законите со кои досегашните Безбедносни сили (ФСК) практично се трансформираат во Војска на Косово, во касараната на ФСК „Адем Јашари“ вечерва се одржа церемонија во организација на ФСК и Владата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Покрај највисоките претставници на ФСК, на прославата учествуваа највисоките државни раководители на Косово – претседателот на Републиката Хашим Тачи, претседателот на Собранието Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај.

Тие им го честитаа формирањето на косовска војска на припадниците на ФСК и на граѓаните на Косово и порачаа дека ова е еден од најзначајните датуми во историјата на косовската држава.

Претседателот на Косово и врховен командант на ФСК Хашим Тачи во своето обраќање рече дека оружените сили со новиот мандат ќе бидат столбот на државата и ќе останат и натаму, како што беа и до сега, една од најдоверливите институции во земјата.

Тој изрази почит за сите оние кои во минатото го положија својот живот за Косово денеска да може да го слави формирањето на својата војска.

Премиерот Харадинај рече дека „Косово влегува последно во редицата на војските но светот“, но „влегува во мир и е почестена што е покрај Соединетите Американски Држави“.

Тој им порача на косовските Срби дека „војската на Косово никогаш нема да се сврти против својот народ, без оглед на етничката припадност“ и дека и Србите, како и сите граѓани на Косово, „ќе бидат заштитени од војската, било да се тие на југот или на северот од земјата“.

Поврзани новости