Државите крадат трговски тајни за да им помогнат на своите компании

by Фокус

Текстот е објавен на 31 декември 2008 во неделникот „Фокус“ во двобројот 705/706

Пишувал
Сем ВАКНИН

На веб-страницата ГУРПС (Генеричен универзален систем за играње улоги) има список од 18 вида опрема од најдобро производство што се користи за усовршена шпионажа! Меѓу нив има двогледи за читање на усните, прислушни бубачки што се активираат на глас, средства за електронско видео снимање, за следење на компјутери, електромагнетни индукциски детектори, акустички стетоскопи, оптички фиберскопи, детектори на акустичка емисија (на пример, на принтери), ласерски микрофони кои можат да дешифрираат и да ги засилат вибрациите на прозорците кои се активираат со глас и друга опрема од арсеналот на Џемс Бонд.

Ваквите гаџети се интегрален дел од индустриската шпионажа. Американското здружение за индустриска безбедност (АСИЦ) пред неколку години процени дека само од 1993 до 1995 година, штетата врз американската индустрија предизвикана од економската и трговската шпионажа, изнесувала 63 милијарди долари.

Просечната нето-загуба по еден таков пријавен случај изнесувала 19 милиони долари во високата технологија, 29 милиони долари во услугите и 36 милиони долари во производството. АСИЦ потоа ја зголеми својата проценка на вкупната штета на 300 милијарди долари само во текот на 1997 г., во споредба со 100 милијарди долари проценети во извештајот од 1995 г. на Службата за наука и технологија на Белата куќа.

Овие бројки се обични екстраполации, засновани на анегдотски приказни од неуспешна шпионажа. Многу случаи воопшто не се ни пријавуваат. Во своето обраќање на Светскиот економски форум во 1998 г., заменик директорот на Светскиот проект за организиран криминал на ЦСИС, Франк Цилуфо, објасни зошто е тоа така:

НАПАД ОДВНАТРЕ

„Престапниците молчат од очигледни причини. А жртвите тоа го прават од страв. Тоа може да ја загрози довербата на акционерите и сопствениците на удели, како и на потрошувачите. Вработените можат да ги загубат своите работни места. Пријавувањето може да предизвика појава на престапници што ќе сакаат да го копираат случајот. А конкурентите можат да стекнат предност од негативниот публицитет. Фактички, тие молчат поради истите причини поради кои корпорациите не ги пријавуваат неканетите упади во компјутерите.“

Компанијата „Интерактив Телевижн Технолоџис“ во соопштение за јавноста од 16 август 1996 г. се пожали дека некој извршил упад во нејзините простории во Амхерст, Њујорк и украл три компјутери што содржат планови, шеми, дијаграми и спецификации за нивниот производ БАТЛЕР, плус неколку компјутерски дискови со кодови за пристап. БАТЛЕР е заштитена технологија која помага во поврзувањето на телевизијата со компјутерските мрежи, како што е Интернет. За нејзиниот развој биле потребни четири години.

Во еден единствен случај, кој е опишан во изданието на „Форин Афеарс“ од јануари/февруари 1996 г., Роналд Хофман, софтверски научник, продал тајни апликации направени за Стратегиската одбранбена иницијатива на јапонски корпорации, како што е „Нисан Мотор Компани“, „Митсубиши електрик“, „Мицубиши хеви индастрис“ и „Ишикаваџима – Харима хеви индастрис“. Фатен е во 1992 г., откако добил 750.000 долари од клиентите кои го користеле софтверот во своите цивилни вселенски проекти.

„Канал Плус Технолоџис“, огранок на францускиот медиумски гигант „Вивенди“, во март минатата година поведе судски процес против НДС, оддел на „Њуз Корп“. „Канал“ го обвини НДС за хакерство на неговите платежни ТВ-смарт картички и бесплатно дистрибуирање на пиратски веб-сајт на краковите од кодовите. „Канал“ го тужеше НДС за сума од 1,1 милијарда долари загубени приходи. Ова овозможи редок призор на шпионската тактика на корпорациите базирана на хакерство во ерата на информации.

Раководителите на компанијата „Авант“ која развива софтверски дизајн, завршија во затвор поради купување податоци за компјутерски код од поранешните вработени на „Каденс“ во 1997 г. „Ројтерс Аналитикс“, американски огранок на „Ројтерс Холдингс“, во 1998 г. беше обвинета за кражба на заштитени информации од „Блумберг“ преку крадење изворни кодови од неговите компјутери.

Во декември 2001 г., Сеј Лај Оу, малезиски граѓанин и порано вработен во „Интел“, беше осуден на 24 месеци затвор поради нелегално копирање на компјутерски фајлови кои содржат напреден дизајн на микропроцесорот Мерцед на „Интел“ (Итаниум). Тоа беше круна на соработката меѓу хај-тек тимот на ФБИ и специјалната единица за компјутерско хакување и интелектуална сопственост на Канцеларијата на американскиот државен бранител.

Американскиот државен бранител Давид В. Шапиро, за ова вели:

„Луѓето и компаниите кои крадат интелектуална сопственост се крадци исто како што се крадци и ограбувачите на банки. Во овој случај, микропроцесорот Итаниум е извонредно вреден производ за кој на ‘Интел’ и на ‘Хјулит Пакард’ им беа потребни повеќе години за да го развијат. Овие случаи треба да испратат порака во Силиконската долина и во Северниот дистрикт, дека Канцеларијата на државниот бранител на САД ја зема за сериозно кражбата на интелектуалната сопственост и ќе ги процесуира овие случаи со целосна примена на законот.“

Па сепак, ваквите случаи се повеќе вообичаени, отколку што за тоа јавно се говори.

Ричард Пауер, уреднички директор на Компјутер Секјурити Институт во својата изјава за ТВ мрежата MSNBC, вели:„Луѓето воспоставуваат он-лајн пријателства со работодавачите, а потоа ги заведуваат во заговор да изведат шпионажа. Вработени распишуваат награди за да ги добијат лап-топ компјутерите на своите раководители. Луѓе се преправаат во чистачи за да добијат физички пристап до канцелариите“.

Маршал Фелпс, потпретседател на ИБМ за трговски и индустриски релации уште во април 1992 г., пред Комитетот за правда на Сенатот призна дека:

„Меѓу најочигледните акции се директните кражби на корпоративен заштитен имот. Ваквите кражби ги изведуваат различни актери: конкуренцијата, владите кои сакаат да ги засилат своите државни индустриски шампиони, па дури и вработените. За жал, ИБМ беше жртва на вакви акти.“

„Рејтеон“, некогаш амбициозен контрактор во одбраната, го пушти во употреба т.н. Сајлант Ранер, софтверски пакет од 25-65.000 долари дизајниран да ѝ се спротивстави на инсајдерската закана. Во брошурата за овој пакет, како што се цитира во весникот „Вајард“, се вели:

„Знаеме дека 84 проценти од заканите на вашата мрежа може да се очекува да доаѓаат одвнатре од вашата организација… Овој најмалку упадлив систем од сите системи за детекција ќе го заштитува интегритетот на вашата мрежа против злоупотребата од неавторизираните работници, поранешните вработени, хакери или терористи и конкуренти.“

Ова многумина ги потсетува на големиот софтвер на ФБИ за нушкање на мрежата под името Карнивор. Тоа исто така ја оживува старата дилема меѓу приватноста и безбедноста. Според едно сеопфатно консултативно истражување на 3200 компании во светот, штетата предизвикана од небезбедни мрежи изнесува околу 12 милијарди долари.

Им нема крај на пресвртите во случаите на шпионажа и на креативноста што ја покажуваат оние што шпионираат.

БИЗАРНИ СЛУЧАИ

Во јуни 2001 г. беше покрената тужба против Николас Дадона. Тој беше обвинет за уникатна варијација на старата тема за индустриска шпионажа: бил вработен во две фирми и ги пренесувал трговските тајни од едната (Фабрикејтид Метал Продактс) на другата (Ајлет).

Јунгшенг Ванг минатата година бил обвинет за копирање на архитектурата на ултрасаунд машината на фирмата „Секоја“, направена од страна на „Акјузон Корпорејшн“. Ја продал на „Бел Имиџинг“, калифорниска компанија која заедно со една кинеска фирма се сопственици на друга кинеска корпорација, исто така обвинета во случајот. Мрежата на соработка меѓу странски научници, или научници родени во странство, со пристап до трговските и технолошките тајни, и домашните корпорации и странските фирми е често покритие за владините интереси.

Кенет Кален и Брус Зак во април 2001 г. беа обвинети за обид да купат печатена или текстуална верзија на изворниот код на една компјутерска апликација за процесуирање на формуларите за барање на здравствена помош, која ја развил „ЗирМед“. Правниот статус на печатениот изворен код е нејасен. Несомнено, станува збор за интелектуална сопственост, но од каков тип? Дали е тоа софтверска или печатена работа?

Питер Морч, сениор тим лидер на ‘Р&Д’ за ЦИСКО во март 2001 г. беше обвинет едноставно поради тоа што ја снимил на компакт дискови сета интелектуална сопственост врз која имал пристап со намера да ја користи на своето ново работно место, „Каликс Нетворкс“, конкурент на ЦИСКО.

Фаусто Естрада, пак, веројатно учествувал во најбизарниот случај досега. Тој бил вработен од една кетеринг компанија која служела приватен ручек на бордот на директори на Мастеркард. Тој понудил да ѝ продаде заштитени информации на ВИЗА, за кои тврдел дека ги украл од Мастеркард. Во писмо потпишано под псевдонимот Каљостро, Фаусто барал 1 милион долари за услугата. Бил фатен жив во операција на ФБИ во февруари 2001-та.

ЗАТВОРСКИ КАЗНИ

Странски државјани многу ретко се предмет на гонење дури и кога се знае дека учествувале во заговорот со престапниците. Во јануари 1998 г. Стивен Луј Дејвис признал дека е виновен за кражба на трговски тајни и дизајн од „Жилете“, кои ги продавал на неговите конкуренти, како што е „Бик“ корпорацијата, „Американ Сејфти Рејзор“ и „Ворнер Ламберт“. Сепак, се чини дека само тој ја платил цената за своите недела, 27 месеци затвор. Од „Бик“ тврдат дека веднаш го информирале „Жилете“ за кражбата и дека соработувале со Правниот оддел на „Жилете“ и со ФБИ.

Индустриската шпионажа или кражбата на интелектуалната сопственост не е ограничена на индустријата. Мајра Џастин Трухило Коен во октомври 1989 г. беше осудена на 48 месеци затвор за кражба на заштитен софтвер од „Дилоит-Туш“, каде што работела како консултант. Карол Ли Кемпбел, менаџер за тираж на весникот „Гвинет Дејли Пост“, понудил да продаде заштитени бизнис и финансиски информации од својот работодавач на адвокатите кои го претставуваат конкурентскиот весник кој бил во остар конфликт со „Гвинет Дејли Пост“.

Индустриската шпионажа исто така не подразбира исклучиво тајни операции. Интернетот и информациската технологија играат зголемена улога во индустриската шпионажа. Во еден бизарен случај од 1999 г., Карин Камп развила интернет-релации со еден самонаречен претприемач, Стивен Мартин. Таа ги украла трговските тајни на својот работодавач за Мартин, со надеж дека ќе добие висока позиција во неговата фирма, или барем дека ќе биде богато наградена. За неа сите дознале кога наместо на Мартин, и-мејлот во кој ги изразила своите стравови му го испратила на колегата на работа.

Стивен Халштед и Брајан Прингл на веб страницата едноставно ги огласувале своите производи, дизајн на пет напредни „Интел“ чипови. Тие, се разбира, биле фатени и осудени на повеќе од 5 години затвор. Дејвид Керн ја копирал содржината од еден лап-топ компјутер ненамерно оставен од службеник на конкурентска фирма. Керн самиот си поставил стапица. Тој бил принуден да се повика на Петтиот амандман (за право на молчење), за време на своето сведочење во граѓански процес кој тој го покренал против својот поранешен работодавач. Ова, се разбира, ја предизвикало љубопитноста на ФБИ.

Украдените трговски тајни можат да направат разлика помеѓу борбата за взаемно истребување и профитабилноста. Џек Ширер признал дека заработил 8 милиони долари од трговски тајни украдени од „Катерпилар“ и „Солар Турбинс“.

Државниот бранител на САД, Пол Е. Когинс, за ова изјавил:

„Ова е прв случај во кој обвинетите изјавиле дека се виновни за тоа што зеле информации кои претставуваат трговска тајна и фактички ги претвориле скриените информации во продукти кои биле пуштени во трговската мрежа. Пресудите кои денес се донесени (15 јуни, 2000) се меѓу најдолгите затворски казни кога и да е пресудени во случај на економска шпионажа.“

Собирањето разузнавачки економски информации, вообичаено засновани на отворени извори, е истовремено легитимно и апсолутно неопходно. Дури и обратниот инжињеринг, растурањето делови на производите на конкуренцијата за да се научат нивните тајни, е сива законска зона. Шпионирањето, пак, е нешто сосема друго. Тоа подразбира купување или кражба на заштитени информации. Тоа најмногу го прават фирмите. Но исто така и владите кои со домашните и мултинационалните корпорации ги делат плодовите од нивните разузнавачки мрежи.

Многу поранешни и актуелни разузнавачки агенти, политички и воени брокери на информации и одбрани посредници во сенка, од шпионирањето во текот на Студената војна кое сѐ повеќе се намали, се свртеа кон лукративниот пазар на т.н. „конкурентско разузнавање“.

Весникот „US News & World Report“ на 6 мај 1996 г. напиша како извесен г. Кота, наводен снабдувач на тајна воена технологија на КГБ во 80-тите, една деценија подоцна, во заговор со еден научник, шверцувал биотехнолошки модифицирани јајце-клетки на хрчак во Индија.

Ваквите трансфери ги засилија меѓународните тензии дури и меѓу сојузниците. „Земјите немаат пријатели – тие имаат интереси!’, се велеше во еден постер од средината на деведесеттите години. Франција жестоко протестираше против САД поради шпионирањето на францускиот економски и технолошки напредок, се’ додека не беше откриена дека го прави истото. Француската немилосрдна и бескрупулозна практика на крадење интелектуална сопственост во САД, е опишана во книгата на Питер Швајцер „Пријателски шпиони: Како сојузниците на Америка ја користат економската шпионажа да крадат наши тајни.“

Во 1996 г. „Ле Монд“ информираше за интензивните американски напори да купат информација од француските бирократи и законодавци во врска со политиката на Франција кон Светската трговска организација, телекомуникациите и аудио визуелните политики. Притоа биле истерани неколкумина агенти на ЦИА. Слично на ова, во јануари 1995 г., како што пишува Роберт Драјфус во книгата „Мајката Џонс“, агенти на ЦИА без службено покритие, кои вообичаено работат како бизнисмени, биле стационирани во Јапонија. Овие агенти спроведувале економска и технолошка шпионажа низ цела Азија, вклучувајќи ги Јужна Кореја и Кина.

ДРЖАВНО ШПИОНИРАЊЕ

Дури и весникот „Њујорк Тајмс“ заѕвони на сите ѕвона, обвинувајќи американски разузнавачки агенти за помагање на американските трговски преговарачи преку прислушување на јапонските службени лица за време на вревата што се крена околу увозот на автомобили во 1995 г. И претседателот Клинтон отворено призна дека разузнавачи кои ги собрала ЦИА во врска со нелегалната практика на француските конкуренти им овозможиле на американски вселенски фирми да добијат договори во вредност од неколку милијарди долари во Бразил и Сауди Арабија.

Реномираниот германски неделник „Дер Шпигл“, во 1990 г. ги прозва САД дека „ѝ ги виткаат рацете“ на индонезиската влада да го подели бизнисот тежок 200 милиони долари за склучување договор за употреба на сателит, меѓу јапонски НЕЦ и производители од САД. Американците, според тврдењата на неделникот, пресретнале пораки кои се однесуваат на договорот, користејќи ја инфраструктурата на Националната агенција за безбедност (НСА). Брајан Гледвел, поранешен компјутерски експерт на НАТО, ова го нарекува „државно спонзорирана пиратерија на информации“.

Роберт Драјфус, пишувајќи во книгата „Мајката Џонс“, ја обвини ЦИА за активно прибирање индустриски разузнавачки информации (односно крадење трговски тајни) и нивно предавање на трите најголеми американски производители на автомобили. Еве како тој ги цитираше службениците од администрацијата на Клинтон:

„ЦИА е добар извор на информации за актуелните состојби со технологијата во странска држава… Ние секогаш сме успевале да и’ дадеме разузнавачки податоци на бизнис заедницата. Постои контакт помеѓу бизнисмените и разузнавачката заедница и информациите неформално течат во двете насоки.“

Во соопштението за Национална безбедносна стратегија од февруари 1995 г. што го цитираше телевизискиот канал MSNBC, се вели:

„Собирањето податоци и нивната анализа може да помогне да се нивелира полето за економски натпревар преку идентификација на заканите за американските компании од странски разузнавачки служби и трговските практики кои не се фер“.

Се разбира, постои и „Ешалон“.

Откриена пред две години со големи фанфари од страна на Европскиот парламент, оваа мрежа за пресретнување на телекомуникациите, која ја користат САД, Обединетото кралство, Нов Зеланд, Австралија и Канада стана фокус на меѓусебни остри обвинувања и теории на заговор. Но, тие драстично се намалија по бруталните терористички напади од 11 септември, кога стана јасна потребата од систем како „Ешалон“ дури и со полабава законска контрола. Франција, Русија и 28 други држави имаат свои локални мини-Ешалони, наспроти нивните протести полни со хипокризија.

Но, САД се многу повеќе првенствена цел и главна жртва на ваквите активности отколку нивен главен причинител. Од тие причини во 1996 г. беше донесен Закон за економска шпионажа и заштита од патентирани економски информации. Другите земји или имаат слични закони (Франција), или пак размислуваат да ги донесат. Националниот совет за безбедност на Тајван минатиот месец расправаше за усвојување локална верзија на закон за економска шпионажа.

Во САД досега, како резултат на овој закон, се одржани неколку десетици процеси. Некои компании, како што е „Фоур Пиларс“, кои украле трговски тајни од „Авери Денисон“, плаќаат казни во висина од повеќе милиони американски долари. Вработени службеници, како што е Патрик Вортинг од ППГ и нивните соработници добиваат затворски казни. Странски државјани, како Тајванецот Каи-Ло Хсу и проф. Чарлс Хо од Националниот Чао Тунг универзитет се притворени. Марк Халиган од „Велш и Кац“ во Чикаго на својот веб-сајт даваат список од повеќе од 30 значајни случаи на економска шпионажа за кои се судело според законот од јули минатата година.

КРАЖБАТА НЕМА ДА ПРЕСТАНЕ

Законот за економска шпионажа му дава авторизација на ФБИ да постапува против странските агенциии што работат во континуитет на американска почва и прибираат разузнавачки информации што се однесуваат на заштитени трговски тајни. За време на сослушувањата во Конгресот кои му претходеа на законот, ФБИ процени дека не помалку од 23 влади, вклучувајќи ги израелската, француската, јапонската, германската, британската, швајцарската, шведската и руската, го правеле токму тоа. Луј Фри, поранешен директор на ФБИ, го објасни ова концизно:

„Економската шпионажа е најголема закана за нашата безбедност од Студената војна наваму“.

Француското министерство за надворешни работи има програма која пренесува воени службеници да работат во хај-тех американски фирми. Француските компјутерски инжинери кои се вклучени во програмата биле уапсени, обидувајќи се да украдат заштитени изворни кодови од нивните американски работодавци.

Во интервју што го даде за германската телевизија ZDF, поранешниот директор на француската надворешна контраразузнавачка служба, отворено призна:

„Сите тајни служби од големите демократии преземаат економска шпионажа… Нивната улога е да ѕиркаат во скриените ќошиња и во тој контекст бизнисот игра значајна улога… Во Франција државата не е само одговорна за законите, таа исто така е претприемач. Има компании во државна сопственост и полу-јавни компании. И токму затоа е точно дека со децении француската држава со својата десна рака на некој начин го регулираше пазарот, а со својата лева рака ја користеше својата разузнавачка служба за да ги снабди своите трговски компании… Меѓу задачите на тајните служби е и фрлањето светлина и анализирањето на белите, сивите и црните аспекти на склучувањето вакви големи договори, особено во далечните држави.“

Индустриската шпионажа не е нешто ново. Во својата книга, „Војна со други средства: Економската шпионажа во Америка“, Џон Фиалка од „Вол стрит џорнал“ јасно опишува како Френсис Кабот Лоуел во 1813 г. избегал од Британија со планови за модерната машина за ткаење на „Картврајт“.

Сепак, феноменот во последно време стана многу контроверзен. Како што структурите од Студената војна, од НАТО до КГБ и до ЦИА, сакаат да се редефинираат и да заземат нови улоги и нови функции, економската шпионажа нуди решенија што ве ставаат во искушение.

Згора на тоа, децениите на зголемено државно мешање во модерните економии ја замаглија традиционалната демаркација меѓу приватниот и јавниот сектор. Многу фирми се или во државна сопственост (во Европа) или државно финансирани (во Азија) или пак се под државен патронат (САД). Многу бизнисмени во исто време се и политичари, а бројни политичари се членови и на корпоративните управни одбори.

Воено индустрискиот комплекс на Ајзенхауер исто така е реалност. Распоредувањето на средства за државно разузнавање и ресурси за да му се помогне на приватниот сектор да добие предност пред конкуренцијата, е само негова манифестација.

Како што странското сопствеништво на корпорациите станува широко распространето, како што се шират мултинационалните компании, а државите нации се распаѓаат на региони и повторно се здружуваат во наднационални држави, така ќе бледнее класичниот, ексклузивистички и дихотомен поглед на светот – „ние наспроти нив“. Но поимот „заштитена информација“ ќе остане. А кражбата никогаш нема да престане сѐ додека може да се заработи профит.

Поврзани новости