Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев продолжува со силна, ефикасна и навремена поддршка за компаниите погодени од негативните економски последици од коронавирусот, изјави на прес-конференција Марија Георгиевски, пратеничка на СДСМ.
-Четвртиот пакет економски мерки обезбедува 470 милиони евра за спас на работни места, за зајакнување на приватната потрошувачка и за конкретна помош за стопанството. Една од мерките за помош на приватниот сектор, во овој четврт пакет е Државната кредитна гаранција. Со оваа мерка државата става на располагање 10 милиони евра, пари за поддршка на компаниите за полесен пристап до евтини финансиски средства, преку преземање на дел од кредитниот ризик. Со државната гаранција од 10 милиони евра на стопанството ќе му бидат на располагање кредити со вредност од 65 милиони евра – рече Георгиевска.
Таа додава дека следува реализација и на мерката Државна царинска гаранција, кој има за цел да им обезбеди поголем извоз на компаниите и полесен пристап до суровини.
-Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и увозот и истовремено, го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра. Како уште една мерка за олеснување на работењето на компаниите во овој пакет е и дополнително одложување на отплата на кредити за компании, до крајот на годината, како и мерката за намалување на казнената камата за јавни давачки за половина од 0,03% на 0,015% кое ќе важи до крајот на годината – истакна Георгиевска.