Епидемиолозите и лекарите реагират што државата се уште не го набавува антивирусниот лек Паксловид, кој досега се покажа како успешен во лекување на Ковид 19. Овие нивни реакции доаѓаат откако се појавија повеќе подваријанти на Омикрон варијантата на коронавирусот.
Светската здравствена организација информираше дека откако беа детектирани подваријантите Кракен и Ерис, кои се присутни и во светот и во регионот, сега има и нова подваријанта на Омикрон, а тоа и Пирола. Според СЗО оваа варијанта значително се разликува од другите и ја означи како варијанта под надзор.
Нов бран на заболени од Кови-19 ќе има, како и со сите други респираторни вируси што ги има во есен и зима, изјави епидемиологот д-р Драган Даниловски за ТВ21.
-Секој што ќе се инфицира, дополнително ќе си го освежи имунитетот. Короната дефинитивно ќе остане меѓу нас, меѓу сите други вируси, педизвикувачи на настинки, грип. Нека му ја мислат и нека внимаваат само многу старите граѓани и оние со хронични болести. За нив било која настинка може да доведе до хоспитализација. Затоа, апсолутно аналогно на грипот, нека си размислат за вакцинирање не само против грип, туку и против корона. Паметно би било и маска да си стават кога се движат низ гужви во затворени простори. Ситуацијата ќе беше побезбедна за нив, ако државата имаше слух и веќе го имаше увезено лекот Паксловид, кој дефинитивно живот спасува, изјави Даниловски.
Според д-р Никола Пановски нема потреба од посебни мерки сега за сега, и дека за тоа ќе одлучи Комисијата за заштита од заразни болести.
-Симптомите не се нешто различни и тешко се препознава дали е тоа или некоја друга инфекција. Губењето на мирис и вкус не е често сега. Препораката е дека секој што е болен треба пет дена да седи дома, дали било тоа ковид, грип, настинка или вирус, да седи дома. Ако баш мора да излезе, тогаш да носи маска. Маска сега треба да носат болните и дополнително да се внимава на повозрасните луѓе, особено да се внимава кога се оди кај повозрасни луѓе што имаат други болести, кога сме настинати да направиме заштита или ако е возможно да немаме контакт со тие лица во затворено, рече Пановски.
Симптомите на Ерис се треска, постојана кашлица, промени во чувството за вкус и мирис, замор, течење на носот, болки во грлото. Често се споменува и развивање на пневмонија, но не е дефинирано од кој сој затоа што не се прави секвенционирање.