Очекувано е Министерството за финансии да ја издаде новата транша за еврообврзницата за да ги сервисира доспеаните долгови од претходните задолжувања. Народот нека се помири дека ќе биде и полошо, коментираат економските аналитичари за „Фокус“ по веста дека Македонија вчера ја издаде деветтата еврообврзница, односно се задолжи за нови 600 милиони евра.
Според економскиот аналитичар, Абил Бауш, за разлика од претходните задолжувања, овој пат купонската каматна стапка е голема, 6,3 проценти, што ја прави да биде скапа.
-Ова мислам дека е направено во неможност на нашата држава да има стабилна политика и добро менаџирање на долговите и нивното сервисирање. Ние со години укажуваме на немање на одредена стратешка политика за јавните пари, а тоа подразбира и задолжувањето на пари за одредени стратешки цели. Во нашата држава со години задолжувањето се прави за да се држи социјалниот мир, а не за создавање на нова клима на економски раст и развој. Кога ние би имале една здрава економска политика и добро менаџирање на јавните пари (во извештајот на Светската Банка се нагласува истото) тогаш самата наша економија ќе биде во можност да ги сервисира долговите, вели Бауш за „Фокус“.
Тој предупредува дека веќе во јуни пристигнува новата транша на враќање на долгот земен во 2014 година, а во таа 2014 година нема друга капитална инвестиција, освен проектот „Скопје 2014“.
-И да резимираме овој транша на еврообврзница стана само еден вид во процесот на задолжување за да се вратат старите задолжувања, а во меѓувреме јавниот долг ви се зголемува и тоа драматично, вели Бауш.
Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини вели дека ова задолжување не е неочекувано, но без сомнение ќе има далекусежни последици.
Според него, секое задолжување со камата поголема од растот на Бруто домашниот производ е чиста загуба.
–Не само што се задолжуваме, се задолжуваме само за враќање на долговите и тековните буџетски трошоци и финансиска дупка се продлабочува. Станува подраматична, нема ниту странски инвеститции. Во иднина само ќе ни се зголемат долговите, нема стабилни коалиции, ќе им требаат пари за да ги гаснат сите можни жаришта.Ни требаат суштински реформи, но овој нардо да се помири дека ќе се влошува ситуацијата, дека сите ќе бегаат во странство, вели Хајдредини.
Единствено „позитивно“ е тоа што сите економски показатели се зголемуваат затоа што се намалува населението и тоа е многу логично, а приватните дознаки се зголемуваат, па така според податоците од Народната банка секоја година во земјава влегуваат над една милијарда евра како дознаки од лични трансфери, каде спаѓаат и парите што ги испраќаат иселениците.
Министерството за финансии вчера соопшти дека е издадена деветта по ред еврообврзница во вредност од 600 милиони евра за враќање на стари долгови кои доспеваат за отплата. Годинава ќе треба да се исплатат 594 милиони евра за главница, како и 138 милиони евра за камати.
Од овие пари, најголемиот дел отпаѓа на исплаќање на обврзницата издадена во 2016 година, и за која треба да се исплатат 450 милиони евра или дополнителни 25 милиони евра.
Купонската каматна стапка е 6,25 проценти на годишно ниво. Иако Министерството за финансии барало 800 милиони евра, одобрени се 600 милиони евра само за враќање на старите долгови.
–Пристапот е, во услови на скапи финансиски пазари, да не се изврши задолжување за целиот одобрен износ до 800 милиони евра, туку само за износот за враќање на старите долгови. Рочноста на новата еврообврзница е само четири години, при што интенцијата е да се оди со пократок период на отплата (наместо, вообичаениот од седум години), за да се намали годишниот буџетски трошок за каматни плаќања, информира МФ.
Министерството за финансии тврди дека каматната стапка е многу пониска од каматите кои преовладуваа во последните месеци од овој период на енергетска криза, која сѐ уште трае, и кои се движеа над 8 проценти.
Кога ќе се погледне наназад, највискота каматна стапка била во 2009 година кога беше светската економска криза, а најниска била лани од 1,6 проценти.
За задолжувањето реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ од чие време на владеење сега го плаќаме долгот.
-СДС откако се на власт до сега го зголемиле јавниот долг за 65 отсто, односно од нешто на 4.7 милијарди на 7.7 милијарди евра, а притоа немаат направено ниту една инвестиција, ниту еден нов автопат, пат, аеродром, железничка линија или друг капитален проект, парите ги нема, а никој не знае на што се потрошени. Наспроти инвестиции, секој ден гледаме милионски тендери и фирми блиски до власта кои се јавуваат како изведувачи на истите, парите се трошат, а резултат нема, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Фросина Факова-Серафиновиќ