Државата пред сѐ!

by lali

djabirДенеска, свечено изјавувам дека сѐ што сум напишал и кажал во изминатите години против власта – било погрешно. Еве и зошто:

Кога пред неколку години Премиерот и Владата ја започнаа реформата во областа на уметноста, многу кругови, дури и во самата Партија, ја сметаа таа интервенција за крајно револуционерна. Некои дури и не сакаа да разберат дека со неа се создаваат услови што одново ѝ даваат можност на уметноста да живее и да создава.

Денес, за сите нас, таа акција на прочистување ни се чини сосема природна. Не можеме дури ни да сфатиме колку имало потреба од неа. Во таа смисла, започнувањето на Големиот споменично-музејски проект е настан чие огромно значење за развојот на националната уметност сѐ уште не може доволно јасно да се процени. Целта на

Големиот проект е јасно зацртана и определена. Во тој проект се создава простор само за убавото, благородното, со еден збор – само за вистинската уметност и за првпат на нацијата ѝ се нудат прекрасни дела кои ѝ ја враќаат гордоста и правата што ѝ припаѓаат. Со тоа се создава и една вистинска, здрава врска меѓу народот и уметноста.

[…]

Нашиот народ е нераскинливо поврзан со овој процес. Самиот тој, со целото свое битие, учествува во тие културни стремежи. Тоа не треба никогаш да се заборави.

[…]

Денес, сите уметници се обединети во заедничкиот фронт кој претставува една нова и здрава генерација на уметници. Таа генерација нема ништо заедничко со рахитичната, јалова и декадентна естетика до пред неколку години, која власта решително ја исфрли од храмот на националната уметност. За таа храбра постапка денес националните уметници од срце ѝ се заблагодаруваат на Владата. Тие се особено свесни дека овој процес, кој веќе ѝ припаѓа на историјата на националната уметност, ги создаде условите за нејзината преродба.

[…]

Бидејќи големите луѓе ја создаваат историјата, долг на уметникот е да ги пресоздава и возвишува нивните дела, за да останат како завет за идните поколенија. Така, уметноста ќе му служи на вечниот живот на народот. Ние сме произлезени од тој народ. Политиката и уметноста треба да се обединат, за да го поддржат народот во големите задачи што тој треба да ги оствари. Народот е оној кој ни ја дава неисцрпната сила да создаваме трајни и вечни дела со кои ќе останеме во неговата голема и славна историја.

[…]

Во последно време, соросоидната пропаганда ги подложува на најдетални проучувања нашите проекти, со единствена цел да открие макар нешто, некој пропуст, што би послужил како повод да нѐ нападне. Ова не може да нѐ залаже. Ние, нашата нација, живееме во една вистинска демократија и покрај тоа што методите што ги користиме изгледаат потполно авторитарни. Најдобриот доказ за нашата демократија е тоа што меѓу Владата и народот постои заемна доверба. Навистина, некогаш сме многу лаконски во нашите изјави, меѓутоа, ова се случува само кога тоа го налагаат државните и безбедносните интереси. Во некои моменти, нашите изјави се многу куси, но ја содржат вистината.

ИЗВАДОК ОД ВЕСТИ

Што му стана на човеков, се исплашил, го променил мислењето или што? Хм, не верувам дека некој(а) од моите драги читател(к)и се посомневале во такво нешто, но секако ќе уживам во помислата дека за момент сте помислиле дека транскрибирам извадоци од вести. А првата реченица беше во служба на забуната која сакав да ја креирам. Се надевам дека барем за момент ми успеа.

Ова што го прочитавте, се минимално модификувани извадоци од говорите на Јозеф Паул Гебелс, Министер за пропаганда на Рајхот (Reichsministerium für Volksaufklärung und Propaganda) во периодот од 1933 до 1945 година. Ги исфрлив зборовите германски и Германци, Минхен и слично, а на неколку места само го променив времето и додадов пар епитети како „соросоидна“.

Што ви пренесувам овде денеска? Од почетокот до претпоследниот пасус се извадоци од обраќањето на Гебелс пред Конгресот на Комората на убавата уметност на Рајхот во Минхен, на 15 јуни 1939 година, во кое тој говори за националсоцијализмот и уметноста. Последниот пасус претставува извадок од неговиот говор посветен на германската демократија за време на владеењето на Адолф Хитлер, на 18 април 1942 година.

Гебелс со страст говори за хармонијата меѓу народот и власта, за дострелите на демократијата која ја спроведуваат нацистите во Германија. Ги позајмив овие делови од книгата „Политички говори“ од Јозеф Паул Гебелс (издание на „Ѓурѓа“, 2007). Ако ја читате книгата со минорните модификации, кои јас ги направив на оваа наша денешна средба, ќе дојдете до фрапантни заклучоци. Слично ќе си поминете и со неколку други книги од овој тип, а меѓу нив би ги издвоил и книгите „Фашистичка револуција“ од Бенито Мусолини и „Окултната магија на Третиот Рајх“ од Сергеј Зубков. За овие две книги, интересни за споредба со состојбите денес, можеби во некоја наредна прилика.

ДЕМОКРАТСКА ДОВЕРБА ВО ВЛАСТА

Ќе забележите дека вокабуларот на фашистите и нацистите во првата половина на дваесеттиот век неверојатно потсетува на вокабуларот на дел од денешните политички елити. Но, освен вокабуларот, ќе забележите дека и дел од постапките, политиките и практиките се совпаѓаат со тоа време. Демократијата се сведува на „доверба“ меѓу власта и народот при што тоа го тврди Министерот за пропаганда, се разбира.

Фашистите станаа реалност, а како и во годините на нивното прво напредување кон власта во минатиот век, го гледам општеството како ја голта истата јадица што тие ја фрлија и тогаш. Во Европа тие сѐ уште се малцинство, иако веќе не се занемарливи. Но, во неколку држави токму во Европа, на власт се режими чие владеење во голем дел потсетува, а во некои сегменти во потполност се совпаѓа со владеењето на Мусолини во Италија или Хитлер во Германија. Многу елементи се модификувани, но во суштина се исти.

Веќе не морате да градите концентрациони логори. Доволно е населението да ви се проретчи со масовна емиграција. Тие што ќе останат, по сѐ изгледа, доволно е да се заплашат со казни и затвори, да се изманипулираат со неуморна популистичка кампања и дел да се поткупат со плати и платички од масовната администрација. Секому според заслугите. И онака најголем дел од гордата нација е сочинета од послушници кои ќе го следат Водачот и ќе ја негуваат својата „демократска доверба“ во власта!

Поврзани новости