Државата одвојува за невладините не повеќе од Сорос, Рашковски вели дека Владата треба да ги финансира но не да ги купува

by fokus

Невладините организации треба да бидат финансирани од Владата, но не треба да бидат купени со парите, изјави Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, на отворањето на конференцијата „Предлог модел за државно финансирање на граѓански организации во Македонија”, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

– Нашата интенција ќе биде реално да направиме проценка каде средствата дале ефект и колкав е тој ефект во општеството. Финансиите се лимитирани според буџетските можности, меѓутоа било каква друга помош секогаш ќе биде пружена ако е во насока на јакнење на јавниот интерес. Од нас покрај што ќе барате парични средства барајте и друг тип на помош – изјави Рашковски.

Државата годишно одвојува од четири до пет милиони евра за невладиниот сектор по сите основи. Исто толку дава и фондацијата СОРОС, посочи Александар Кржаловски од МЦМС.

-Компаративно со региното тој фонд треба да стигне до 30 милиони евра, од кои меѓу два и четири милиони да бидат на јавен конкурс за сите да можат да конкурираат. Досега на оглас завршуваа само 250 илјади евра за мали проекти до пет илјади евра – рече Кржаловски.

На конференцијата беше кажано дека е потребно да се зголеми државното финансирање на граѓанските организации, да има отворен повик со јасни критериуми и независна комисија што ќе ги оценува проектите, но и да се следи употребата на парите и граѓанските организации да даваат отчет за својата работа и остварените ефекти во општеството.

Фото: МИА

Поврзани новости