Националниот парк Галичица и покрај проблемите со кои се соочува поради загрозувањето на статусот на Охридскиот регион на светско природно и културно наследство на УНЕСКО, не добива финансиска поддршка од државата за управување.
Во моментов се финансира од наплата на влезници и од меѓународни донации кои не се загарантирани и постојани и доколку тие средства се намалат или запрат, националниот парк може да се врати кон старите методи на финансирање, односно сечата на дрва, што според сите препораки, не треба да се применува бидејќи националните паркови се природно богатство кое е наменето за екотуризам.
Законот со кој се регулира финансирањето на НП е оскуден, па поради тоа државата законски може да се огради од финасирање, но се поставува прашањето дали вакво национално богатство треба да биде оставено „само на себе“. Властите тврдат дека бараат начин за воспоставување на нови методи за самофинансирање на националните паркови.
Андон Бојаџи, вработен во НП Галичица, кој воедно е и поранешен директор на Паркот, за МИА изјави дека повеќе од половина од буџетот на националниот парк се пари на германските даночни обврзници и од Фондот Преспа-Охрид ПОНТ.