Нови 11,5 милиони евра од буџетот добија државните електрани. Владата на седница ги одобри овие пари за ЕСМ, само три месеци откако на оваа компанија и беа префрлени 50 милиони евра за справување со енергетската криза.
Со последниот трансфер, ЕСМ годинава троши 150 милиони евра за набавка на струја, поправка на дотраените постројки за производство, но и ископ на јаглен.
„Со оваа одлука се одобруваат финансиски средства во износ од 700.000.000 денари на Акционерското друштво за производство на електрична енергија, Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје. Средствата од член 1 од оваа одлука ќе се обезбедат од Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година.“
До почетокот на овие вести одговор на прашањето, на што ќе се трошат последно одобрените пари, не добивме ниту од Владата ниту од ЕСМ.
Минатиот месец ЕСМ склучи договор вреден 20 милиони евра со приватна фирма за ископ на јаглен. Приближно исто толку пари потроши и за набавка на струја, откако на слободен пазар го обезбедуваше 20 процентниот недостиг и купи близу 85 илјади мегавати. Половина од целата потрошена струја во земјава минатиот месец ја произведоа темоелектраните, иако во најголем дел работеа само два блока на РЕК Битола.
Долго најавуваниот трансформатор за третиот блок, кој во земјава требаше да стигне на 22 ноември и за десетина дена од тогаш да биде инсталиран и пуштен во функција, се уште патува кон земјава. Поправките во ТЕЦ Неготино и РЕК Осломеј се уште траат. Во меѓувреме, ЕСМ почна да ги снабдува со струја и околу 230 прехранбени компании, училишта и водоводни претпријатија.
За да се растерети мрежата од нелегални приклучувања, компанијата на ЕВН, задолжена за дистрибуција на струја, ги извести надлежните државни институции, кои фирми, но и општини и комунални претпријатија, нелегално се вратиле на регулиран пазар. Според неофицијални податоци, бројката е околу 2500 фирми од сите сектори, кои треба да се вратат на отворен пазар.