Државата ќе менаџира и со приватните болници, но не се прецизира како ќе плаќаат граѓаните таму

by fokus

Откако Владата ќе прогласи кризна состојба во целата држава како што предложи попладнево Советот за безбедност, државата ќе управува, односно менаџира и со приватните болници и нивниот медицински кадар за поуспешно справување на корона кризата односно поуспешно лекување на се поголемиот број на заразени со ковид-19.

Сепак со оглед на тоа што ваква кризна состојба за прв пат ќе биде воведена кај нас, министерот за здравство, Венко Филипче најави дополнителни детали за тоа како ќе се спроведува оваа одлука во пракса, односно дали граѓаните кои евентуално ќе се лекуваат во приватни болници за време на кризната состојба ќе плаќаат по цените што ги имаат приватните болници или ќе плаќаат како да добиле услуга во јавноздравствените установи.

– На располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни болници, приватни поликлиники како и кадарот којшто таму работи. Со оглед на тоа што ова прв пат се случува, денеска за многу кратко време ќе направиме проценка со сѐ што се располага и заеднички со нашите државни капацитети и ќе се направи план за работа, рече Филипче.

По Советот за безбедност, Министерот за здравство изјави дека со оглед на тоа што доаѓа еден период во кој се предвидува линеарен број на нвозаразени со Ковид, нѐ очекува еден критичен период во којшто ќе има потреба од болнички капацитети и кадар, па затоа ќе бидат земени предвид сите ресурси и за сето менаџирање со нив ќе бидат одговорни државните институции.

Претседателот Стево Пендаровски објасни дека ова не значи национализација на приватните болници, туку дека тие привремено ќе бидат управувани од страна на државата. За овие услуги тие ќе бидат обесштетени.

-За сите услуги кои ќе ги даваат приватните здравствени установи ако се прогласи кризна состојба ќе има обесштетување односно ќе се компензира таа приватна здравствена установа. Значи не се работи за национализација. Државата ќе се јави евентуално во улога на менаџер во овие 30 дена за секоја услуга. Законот вели не повеќе од 30 проценти од пазарната вредност на услугата, рече Пендаровски.

Сепак се уште нема детали дали државата ќе им плаќа само 30 отсто за услугите и како точно ќе се реализира ова. Филипче рече дека уште денеска, најкасно утре ќе се консултира со правниот тим за да ги разјаснат сите дополнителни прашања.

И премиерот Зоран Заев и претседателот Пендаровски рекоа дека во однос на ова прашање ќе се водат од Законот за управување со кризи.

Поврзани новости