Апелација вчера информираше дека е запрена судската постапка против Драган Павловиќ -Латас и неговите двајца браќа за нелегална изградба на викендици, бидејќи вишото скопско обвинителство го повлекло обвинението за случајот ,,Тревник”.
Бидејќи немаше повеќе детали, од Вишото обвинителство побаравме појаснување зошто се одлучиле на ваков чекор.
-Согласно доказите кои беа во постапката, како и двете ослободителни пресуди и релевантната судска пракса, Вишото јавно обвинителство Скопје оцени дека не може да се утврди кривична одговорност кај обвинетите лица, одговорија од обвинителството за ,,Фокус”.
Овој случај беше покренат од СЈО, во 2017 година, и за него беше задолжена обвинителката Елизабета Јосифовска.
Обвинителката минатата година беше унапредена во шеф на Основното обвинителство во Гостивар.
Првостепениот суд во два наврати досуди ослободителна пресуда. Првиот пат Апелација го врати од почеток, а вториот пат се повелече обвинителството. Сега сите судски трошоци, како и трошоците за бранителите на обвинетите паѓаат на товар на државата.
Латас и неговите браќата се гонеа од СЈО за градење на три викенд куќи во Зелениково, кои според обвинителството почнале да ги градат во 2011 година, а одобренијата за градба ги добиле во 2013 година.
Според кривичното дело за кое беа обвинети им се закануваше казна затвор од три до осум години.
Валентина Вурмо