Тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски, вреден околу три милиони евра, а кој му беше конфискуван во ,,Плацеви на Водно”, во следниот период ќе добие нов сопственик.
Во моментот го поседува државата, односно завршено е префрлањето на сопственоста, но откако ќе се направи и проценката на вредноста, Агенцијата за управување со одземен имот ќе го огласи за продажба, по што ќе почне наддавањето за луксузните станови и плацеви на Водно. Парите, пак, треба да се слеат во државната каса.
Па така, од само декларираниот бескуќник, поранешниот премиер и се уште актуелен бегалец, државата ќе продаде три луксузни стана на Водно, две атрактивни земјишта на Водно, како и два плаца во викенд населба во Крушево.
На продажба ќе одат и двата стана на улицата Бихаќка, кои екс премиерот ги користеше како канцеларија и библиотека, а во негова сопственост останува дуплексот на истата адреса.
Од Агенцијата за управување со одземен имот ни одговорија дека пресудата за овој случај ја добиле лани во август, по што почнала постапката за запишување на имотот во сопственост на државата.
-Постапувајќи по пресудата Агенцијата спроведе конфискација на недвижен имот со изготвување на Решение за пренос на сопственоста и истите ги испрати до Агенцијата за катастар на недвижности за нивно понатамошно постапување, ни одговорија од Агенцијата.
По извршената промена на сопственоста, Агенцијата доставила барање до Министерството за правда- Биро за судски вештачења на крајот на јануари за да извршат проценка на одземениот имот. Оттаму додаваат дека проценката се уште не е направена, односно не добиле повратен одговор.
За еден од плацевите, оној над Панорама, на Водно, битка водеше и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, но на крајот остана со празни раце. Ниту Апелација не му поверува дека го купил за да тој гради куќа, туку ја потврди тезата на обвинителката Лиле Стефанова дека станувало збор за фиктивна продажба, со цел да не се дознае вистинскиот сопственик, Груевски.
Пишува: Валентина Вурмо
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.