Држава Муцкодонија

by Fokus

Во време на двата циклуса на невидено ограбување во име на добробитта на народот се измисли, дотогаш невидено во историјата, платежно средство наречено вработување. Честа да бидат први во задушувањето на државата ја имаа министерствата. Таму се поставуваа за министри полуписмени или целосно неписмени ликови, апсолутно неспособни за работата што беше побарувана, но максимално способни за потпишување секакви документи по барање на оној покров кој им овозможил да се залебат како министри.

Пишува: Проф. д-р Катерина Тодороска

Низ историјата среќаваме различни уредувања, зависно од периодот во кој се развивал општествениот живот. Од современите ќе си спомнеме на капитализам, социјализам и комунизам. Речиси во сите нив, владејачите се повикувале на добробитта на народот.

Исто така, низ историјата бележиме и различни платежни средства, како стокова размена, монети и банкноти. И сите тие требало да ја обезбедат пристојната живејачка, повторно на народот.

Но, она што историјата за првпат го запознава е општественото уредување муцкаролизам и вработување како платежно средство.

Почетоците на ова општествено уредување се бележат кон крајот на 90-тите години на минатиот век во самостојната држава Република Македонија. Во тоа време почнува беспримерно ограбување на државните фабрики и други добра, со што се создаде огромна маса на работници во  „загубари“, чија егзистенција не им значеше ништо на владетелите. Од друга страна, изникна нова општествена класа, т.н. инстант богаташи. Се разбира, сето тоа во име на добробитта на народот.

По неколку години, откако беа распродадени или оставени да скапуваат објектите на некогашните стопански гиганти, како Железара, Кожара, Охис, Стаклара, ФАС, МЗТ и којзнае уште колку други, „инстант богаташите“, кои станаа општествено одговорни бизнисмени, а истовремено станаа мецени на политичките партии, кои им го овозможија богатењето преку ноќ. Народните пари и политичкиот покров им ја обезбедија неказнивоста, па така си го обезбедија лагодниот и неказнив живот. Арно ама, оние од покровот можеа да ги држат за муцка и во секој момент да им се закануваат со отворање предмети за кривично гонење, бидејќи нивните лагодности не беа нивни. Така се создаде еден слој на муцкари во сè уште Република Македонија.

Следниот чекор беше ограбување на народот преку земање кредити за небаре, државни потреби. Повторно, во име на добробитта на народот.

Тогаш почна да се ограбува што можеше и не можеше. Се градеше со мермер што личи на мермер, а не е мермер, се правеа огради за мостови по цени небаре се градат велелепни згради за вдомување сиромашни семејства доведени до питачки стап, токму од бизнисмените. Истата шема на богатење преку ноќ, само со нов политички покров. И би. Се создаде дополнителен слој на „инстант богаташи“, кои овојпат за муцка ги држеа тие што го имаа покровот.

Во време на двата циклуса на невидено ограбување во име на добробитта на народот се измисли, дотогаш невидено во историјата, платежно средство наречено вработување. Честа да бидат први во задушувањето на државата ја имаа министерствата. Таму се поставуваа за министри полуписмени или целосно неписмени ликови, апсолутно неспособни за работата што беше побарувана, но максимално способни за потпишување секакви документи по барање на оној покров кој им овозможил да се залебат како министри.

ГИ НАПОЛНИЈА МИНИСТЕРСТВАТА СО ПЛАКАТОЛЕПАЧИ

Нормално, фатени за муцка мораа да ги наполнат министерствата со плакатолепачи, чија основна работна задача стана да трчаат за „покровот“ во време на избори. На тој начин се создаде класа на „муцкари“ и „муцкарчиња“.

Откако министерствата натежнаа од „муцкарчиња“ до степен на нефункционалност, со уникатен инженеринг на ограбувачите, кои веруваа дека треба вечно да владеат со заземената територија, почнаа да се измислуваат агенции, комисии и што уште не. Повторно, во име на добробитта на народот.

Така, сè повеќе се зголемуваше бројот и на муцкарите (читај: директорчиња) и муцкарчиње (читај: вработени плакатолепачи) во измислените државни институции, а оние со моќта на покровот го метастазираа системот, кој требаше да личи на демократија до степен на гниење. И повторно, единствена обврска на влебените остана да се борат за партијата што ги покрива. Така, вработувањето како платежно средство експресно се инсталираше во метастазираното државно тело.

И тоа не е сè. Беше иновирано платежно средство наречено провизија. Така, се градеа патишта, кои никаде не водеа, ама беа поткрепени со дебела провизија, потоа автопат со провизија од 30.000.000 евра, автопат кој со децении не е завршен, кој секако подмирен со сочна провизија, новопредвидени „проширувања“ и „доградувања“ на патишта поплочени со златни плочки и секако, провизија.

А, најпоказателен чин за таквата состојба беше потпишувањено на милионскиот историски чин за уште поисториските патишта низ територијава на муцкарите, кога видовме како „лаковане ципелице“ се газат од црвената штикла.

Исклучителен случај на муцкарство, незапаметено во историјата, беше преименувањето на Република Македонија со кревање два прста од неколкумина муцкари, фатени за муцка од велемуцкарите, кои им го „простија“ криминалот во име на добро платената зделка за понижување на македонскиот народ. И повторно, заради добробитта на народот.

Секојдневие стана силеџиите осилени со неказнивоста на крадените народни пари да ги гледаме како недопирливи, оти такво чувство им овозможија носители на нивниот покров. Она што уште повеќе стануваше јасно беше дека и велемуцкарите се муцкари, сега, пак, на некои носители на уште поголем и потежок покров од нивниот.

Бројни се случаите во кои вработувањето се користи како платежно средство, но уште побројни се новопечените муцкари, кои небаре се појавуваат како печурки по дожд.

Така што, леснотијата со која еднаш се смени името на Македонија не би било чудно да се повтори, со тоа што овојпат, тоа би било Муцкодонија.

 

Поврзани новости