Од каде осудениците дознаа дека сме ги разоткриле, прашува екс директорот на КПУ „Идризово“

by Fokus

Екс директорот на КУП Идризово, Шпенд Таири, верува дека припадници на затворската полиција биле вмешани во планот за бегство преку тунел кој го копале затворениците. Тој за „Фокус“ вели дека немал доверба во затворската полиција додека бил на функција. Таири беше разрешен вчера, во исто време кога се откри постоењето на тунелот во Идризово, но не по своја вина, туку поради тоа што неговата партија Алтернатива излезе од владината колаиција.

-Тоа таму не е криминал, туку жариште на криминал и корупција. Јас не ја бранам затворската полиција. Имам пуштено кривични пријави до јавно обвинителство против петмина затворски полицајци, имам покренато 45 дисциплински постапки. Не можам да ги бранам, бидејќи таму цвета кринимал и тоа не е од мое време, туку многу многу пред мене – вели Таири кој беше на функција осум месеци и кој очекува апсења на затворски полицајци во периодот што следува.

Од тие причини се сомнева дека затворениците кои го копале тунелот имале заштита од затворските службеници. Таири објаснува за „Фокус“ дека почетокот на тунелот се наоѓал во соба која затворениците ја користеле за шетање, а во која ретко влегувала затворската полиција.

-Години наназад затворениците ја користеле таа соба во објектот надвор од затворското одделение, и имале некоја интимност таму. Ретко, а можеби и воопшто таму не влегувале затворските полицајци. Таму беше почетокот на тунелот. Ние добивме некое инфо на 15 февруари и одма почнавме проверка на информациите – вели Таири.

Последните неколку недели, пред да биде откриено дека има план за бегство, запреле активностите околу копањето на тунелот. Поради ова Таири се сомнева дека затворениците дознаеле дека се разоткриени.

-Од кога јас дознав дека се спрема некаков план за бегство утредента пратив екипа да испита. Не влегов сам во тие простории, за да не се примети. Пратив хаус мајстори во таа просторија. Им реков дека сакам да поставам нешто, една преса. Тие го сликале просторот и на фотографиите видов тазе бетон. Значи осудениците веќе знаеле – посочува Таири.

Според него затворениците веќе сакале да си ги покријат трагите.

Тоа било на 17 февруари и од тогаш директорот го зголемил обезбедувањето и го ограничил шетањето на затворениците. За рушење на објектот каде се копал тунелот, било потребно да се распише тендер, поради што дури сега било изведено откопувањето на тунелот.

На прашањето како е возможно тоа да се одвивало со месеци, а да не се дознае порано, директорот вика дека Затвореното одделение во Идризово го обезбедуваат само четворица полицајци, додека таму издржуваат казна над 500 осуденици.

-Зошто толку малце, прашајте го Ковачевски. Нас ни недостасуваат 120 затворски полицајци во Идризово. Секој ден доаѓаат затворски полицајци од Куманово и од Штип на помош. Позајмуваме пет од таму и пет од таму за се покриеме. Додека бев директор немав ни една средба, или состанок, во Влада за да се информираат од прва рака, воопшто не се интересираа за состојбите во Идризово – вели Таири.

Пронаоѓањето на тунелот за него е најголемиот успех како директор на затворот. Освен тоа, вели, уаспеал да открие 500 грама кокаин кај осудениците.

Но премиерот на вчерашната прес конференција не даде објаснување дека Таири се разрешува, како што веќе неколку месеци било планирано, поради тоа што Алтернатива излезе од Владата.

-Јас знаев дека вчера ќе бидам разершен бидејќи сум дел сум од Алтеранива. Но Ковачевски сака политички да поентира. Не ми е јасно, не требаше така. Јас иако знаев дека ќе бидам разрешен продолжив да работам на откривање на тунелот, сакав да го спречам тоа. До последна минута сум работел. Всушност сум му го спасил мандатот, затоа што да не го правев тоа, затворениците ќе го докопаа тунелот и ќе избегаа. После тој ќе требаше да дава оставка – посочува тој.

Поврзани новости