Држава без државник

by fokus

Голем државник е тој што има чувство на одговорност и морален интегритет да ја понесе таа одговорност на свои плеќи кога приликите и настаните го бараат тоа од него

Звонко ДАВИДОВИЌ

Ечи градот Скопје од експлозии на пиротехниката, која создава виножито на небото над главите на луѓето што раководат со Македонија. Безгрижно и самозадоволно го следат огнометот и распрскувањето на искрите по небото. Македонија го слави Денот на независноста – 30 години независност и самостојност, 30 години државност на Република Македонија.

Ечи градот Тетово од експлозии, кои ја раскинуваат модуларната болница. Беснее пожар во кој згаснува животот на десетици луѓе што биле згрижени во болницата за да добијат медицинска помош и грижа и членови на нивните семејства што се грижеле за нив. Ниту министерот, ниту кој било друг од надлежните, а со самото тоа и одговорни за здравството, не поднесува оставка.

ПАРАДА НА „ГОЛЕМИТЕ“

Беснеат пожари во Македонија, небото гори, горат шумите, беснее огнената стихија, а луѓето немоќно се молат да запре и да не го уништи она што сиот живот го создавале, печалеле. Парадираат „големите“, и освен барање помош од странство, по некоја фотка и загрижено лице, немаат што да понудат, дури ни оставка, па ни срам, кој го немаат во себе за ништо никогаш. Нема доволно  противпожарни возила, нема канадери, нема хеликоптери, се чека помош од соседите. Никој не ни помислува да понесе одговорност и да поднесе оставка.

Едноличното брмчење на моторот на автобусот на „Дурмо турс“ ги успива и онака сонливите патници. Наеднаш кршење, бучава, кинење метал и автобусот слетува во провалија некаде кај Ласкарци. Шеснаесет  загинати и над 30 повредени е последица на оваа сообраќајна несреќа, за која никој не презема одговорност, ниту понуди оставка.

Се нишаат кајчињата на Охридско Езеро, кое се капе во септемвриското сонце, а тишината ја нарушува бродскиот мотор на бродот „Илинден“ и веселите гласови на бугарските туристи. Наеднаш лелек и вресоци, тела на сите страни, крцка бродот што тоне засекогаш, повлекувајќи со себе во сината гробница 19 бугарски туристи. Никој не се почувствува одговорен и никој не поднесе оставка.

НИКОЈ НЕ ЧУВСТВУВА ОДГОВОРНОСТ

Темна августовска ноќ на обиколницата кај Скопје, стотици возила стојат во неподвижната колона, која ја залева дожд, кој врне како некој да го истура од кофа. Со часови стојат возилата со изгаснати светла, а патот почнува да го поплавува вода, која бучи околу автомобилите и околу блиските куќи во Стајковци и го претвора крајоликот во езеро, кое носи сè пред себе. Резултат на ова невреме, непрописно изведен пат и одводни канали е 22 загубени животи. Никој не почувствува одговорност и никој не поднесе оставка од надлежните.

Тивко зуи ротор на воениот хеликоптер, кој го сече воздухот, итајќи да ги врати војниците од мисијата АЛТЕА и да ги однесе дома кај семејствата. Наеднаш роторот на хеликоптерот почнува да хучи, перките поинаку го сечат воздухот, хеликоптерот почнува да губи височина и да се движи неконтролирано паѓајќи кон земјата. Единаесет војници го губат својот живот. Како и секогаш, никој не ја презема одговорноста, ниту нуди оставка.

Облачен февруарски ден, кингерот се пробива низ облаците и маглата, носејќи го претседателот Трајковски и членовите на неговиот кабинет кон мостарскиот аеродром. Наеднаш авионот ја губи висината и се суновратува кон планината, која е пред него. Тресок, виткање на метал, пожар и авионот распарчен останува да лежи на планината. Вториот претседател на Република Македонија го губи својот живот заедно со своите соработници и двајцата пилоти. Никој не ја презема одговорноста, ниту нуди оставка.

Октомвриски ден како и секој друг, луѓето раздвижени итаат секој кон својата цел, безгрижни, несвесни за она што ќе се случи за некој миг. Страшна експлозија ги потресува зградите околу Старата железничка станица, летаат парчиња метал на сите страни, избива чад од демолираниот црн мерцедес, кој го растрга експлозијата. Двајца мртви и тешко повреден претседателот на Република Македонија во атентатот осмислен во некои луди глави. Нацијата е во шок и неверување. Никој не ја понесе одговорноста до денешен ден, никој не поднесе оставка.

СЛИЧНИ ТРАГЕДИИ ОД НЕГРИЖА

Многу вакви и слични трагедии и несреќи ја снајдоа Македонија и нејзините граѓани, најчесто предизвикани од негрижа, некадарност, неорганизираност, заобиколување на прописите, коруптивно однесување.

Македонија е триесет години самостојна и независна држава, но во тие три децении не се изроди државник што ќе ја предводи одговорно и некалкулантски, непартиски и елитистички, државник на кого граѓаните и државата ќе му бидат прв и единствен интерес, без да го вмеша личниот и партискиот.

Силна држава не значи и голема држава или богата држава, силна држава значи сплотен и единствен народ на чело со државник, кој ќе го сплотува народот, а не да го раздвојува. Голем државник е тој што има чувство на одговорност и морален интегритет да ја понесе таа одговорност на свои плеќи, кога тоа приликите и настаните го бараат од него.

За жал, луѓе од таков калибар немаме меѓу тие што ја раководат државата. Наместо нив, имаме шпекуланти, кои еден со друг се правдаат и бранат за да ја задржат фотелјата, која за нив е симбол на моќ и права, но не и симбол на одговорност и обврска.

 

 

Поврзани новости