Филипче понуди оставка, Заев треба да ја прифати или одбие

by fokus

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера на вонредна прес-конференција сооошти дека поднел оставка до премиерот Зоран Заев по трагедијата во која загинаа вкупно 15 пациенти во модуларната ковид-болница во Тетово, 14 пациенти изгореа, а една пациентка починала по неуспешниот обид да биде реанимирана, пред да избувне пожарот.

Неофицијално, се уште се чекаат информации од Кабинетот на премиерот, дали оставката ќе биде прифатена или одбиена. „Фокус“ му испрати прашање на Заев дали ќе ја прифати или не оставката, но досега не доби одговор.

Според процедурата, оставката се поднесува до Влада односно до премиерот, Зоран Заев и доколку тој ја прифати, се поднесува до Собранието кое треба да ја констатира и да биде именуван нов министер.

Филипче поднесе оставка два дена по тетовската трагедија, иако првиот ден рече дека ќе го чека исходот од истрагата, па ќе одлучи дали ќе поднесе оставка.

-Секогаш стоев одговорено и транспарентно. Никогаш не бегав од критика, никогаш не се откажав да ја победиме пандемијата. Последната трагедија многу ме погоди. Затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Заев. Сакам да им се заблагодарам на довербата. Сакам да им се заблагодарам и на медиумите за нивната транспареност и соработка, рече Филипче.

Премиерот Зоран Заев трет ден нема излезено во јавноста откако се случи катастрофалниот пожар иако вечерта заедно со Филипче и други државни функционери беше во Тетово.

Поврзани новости