„Другарот“ Ковачевски и „даскалот“ Мицкоски – во широка влада или изборна „касапаана“!

„Фокус“ анализира дали ќе се формира широка влада која би ги истуркала уставните измени или процесот ќе остане блокиран?

by Фокус

Лидерите на СДСМ и на ВМРО ги приближија позициите, но далеку се од договор околу уставните измени. Неделникот „Фокус“ анализира дали ќе формираат широка владина коалиција без ДУИ, која би го истуркала процесот за внесување на Бугарите во Преамбулата? Или, пак, процесот ќе остане блокиран, па во таква наелектризирана атмосфера ќе се дочекаат следните избори, на кои нема да се избираат средства за победа?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, заврши без конечен договор, меѓутоа покажа дека и власта и опозицијата отстапија од претходно декларирани позиции, околу кои ги градеа политичките наративи.

Сепак, опозициската поддршка за внесување на Бугарите во Уставот остана условена со преодни и завршни одредби, според кои тие би важеле по завршувањето на пристапните преговори и полноправното членство во ЕУ. Тоа остана непремостлива пречка за конечен договор, бидејќи власта тврди дека тоа е спротивно на преговарачката рамка.

Меѓу другото, договорот е далеку зашто, како реакција на триумфализмот на Ковачевски дека успеал да го седне Мицкоски на маса и да го присили да прифати уставни измени, ВМРО почна да се вклопува со претходно ископаните ровови. Така, тие побараа СДСМ треба да избере еден од нивните два предлози.

Првиот предлог, нели, е формирање преодна влада без ДУИ, измени што ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог, пак, значи избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур.

Што се однесува до првиот предлог, веќе е отфрлен од сите чинители на власта, додека вториот изгледа уште поневозможен. Покрај другото, нема сила што ќе ја натера Бугарија да ги спроведе пресудите, бидејќи тоа ќе има верижна реакција, која на крајот ќе ја урне бугарската теза дека Македонци има само во вардарска Македонија, каде што биле индоктринирани за време на комунизмот.

Уште пред околу една година, Мицкоски најави дека нема да го игнорираат проблемот со Бугарија и дека пред избори ќе понудат решение. Но, се чини дека не ги дочекаа изборите и настапија со предлог на лидерската средба. Тоа бездруго се должи на силниот меѓународен притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да се произнесе и да учествува во процесот на уставните измени.

За силината на овој притисок доволно говори однесувањето на „странците“. Амбасадорката на САД и други влијателни претставници испорачуваат отворени критики кон Мицкоски, надвор од вообичаеното дипломатско однесување. Сличен пристап може да се види уште во Косово и косовскиот премиер Албин Курти, кој беше означен како фактор на нестабилност.

Оваа надворешна технологија на дејствување со цел дисциплинирање, па и политичко елиминирање на „непослушни“ балкански политичари е добро позната и најдобро на свој грб ја почувствува Никола Груевски. Иако имаше победа во рака со два пратеници плус, претходно факторизираниот СДСМ со албански гласачи преку ноќ доби и коалициски потенцијал, откако на „командантот“ Али Ахмети му беше кажано/јавено да го одбере Зоран Заев.

Сега, Мицкоски е во исчекување дали одредени центри ќе му стимулираат внатрепартиски пуч, дали изборно ќе му наштетат преку паралелен настап или, пак, ќе му зготват постизборна изолација, со цел да не формира влада макар и да победи? Од друга страна, тој не може повторно да ја дели одговорноста за промена на Уставот, зашто тоа ќе значи ново одлевање на гласачи.

Така, просторот за маневар на Мицкоски сè повеќе се намалува. СДСМ и албанските партии го вадат на чистина, Левица на Димитар Апасиев му задава удари дека повторно ги продал националните интереси, додека странските дипломати притискаат сега да се реши отвореното прашање, поради специфичната геополитичка ситуација по војната во Украина.

Во вакви околности, Мицкоски веројатно сакаше да купи време до избори, убедливо да победи, па дури потоа да мисли на болните компромиси. Но, очекувањата се едно, а крајниот резултат е нешто сосема друго. Политиката не е математика и не секогаш 2 плус 2 испаѓа 4.

Ако ВМРО-ДПМНЕ ги поддржи уставните измени, тоа ќе значи политичка стабилизација и во таков амбиент ќе се одржат избори. Во спротивно, ако отпорот додржи до крај, тогаш дефинитивно следува политички хаос и изборна „касапаана“.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости