Против „Дрисла“ е поведена прекршочна постапка поради регистрирано пречекорување на дозволените граници за емисии од печката за горење на медицински отпад, информираше на денешната прес-конференција директорот на Државниот инспекторат за животна средина Мирослав Богдановски. Освен тоа на депонијата ќе и биде ограничена работата, медицински отпад ќе смее да гори само осум часа дневно, а не во три смени како до сега.
– Казната се движи до 25 илјади евра. Прекршочната комисија донесе спогодбена одлука депонијата да се казни со 8.500 евра. Се постапи по Законот за амбинтален воздух. Имаат упатства во рок од 90 дена да постават филтри и да го решат проблемот – рече Богдановски.
Инспекторатот откако е надминат прагот за алармирање има реализирано 15 вонредни инспекциски надзори во Скопје и Тетово согласно Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, при што за еден правен субјект е поведена постапка за спогодување, додека во изминатите три години немало ниту една санкција за ниту еден правен субјект.