Драстичен пораст во дел од земјоделското производство или…

by Фокус

samoil malcevski malaПишува
Д-р Самоил МАЛЧЕСКИ

Во изминатиот период во повеќе наврати пишував за состојбите во дел од земјоделското производство, при што аргументирано укажував на погрешната земјоделска политика која Владата на Република Македонија ја реализира изминативе 6-7 години. Меѓутоа, реформаторската врхушка остана глува пред фактите, за што како што е познато и боговите молчат, а ѓаволот ја симнува шапката.

Сепак, изминативе денови сум крајно изненаден разгледувајќи ги податоците за земјоделското производство во 2014 година, кои се публикувани во Статистичкиот годишник на Република Македонија за 2015 година, а на кои ќе се осврнам во оваа колумна.

ПОРАСТ ВО ПРОИЗВОДСТВО НА ЖИТНИ КУЛТУРИ ИЛИ …

Во една од неколкуте колумни посветени на дел од земјоделското производство беше анализирана состојбата со производството на житни култури во периодот од 1999-2013 година, при што аргументирано укажав на континуираното намалување на истото. Но, види чудо, податоците за ова производство остварено во 2014 година говорат сосема нешто друго. За да видиме за што станува збор, да ги погледнеме податоците дадени во табела 1.Malcheski 01Од податоците во табела 1 може да се забележи дека и покрај намалување на површините засеани под пченица и тоа во 2014 година во однос на 2013 година за цели 5,99%, вкупното производство на пченица се зголемило за дури 10,07%, а зголемувањето на истото во однос на просечното производство за периодот 2007-2013 година е за огромни 12,98%.

Притоа, според податоците публикувани од Државниот завод за статистика (ДЗС) ова зголемување се должи на зголемувањето на просечниот принос по единица површина кој во 2014 година изнесувал 3755 килограми по хектар, т.е. бил поголем за дури 17,42% и 24,13% во однос на истиот за 2013 година и за периодот 2007-2013 година, соодветно.

Понатаму, од табела 1 може да се види дека приносите по хектар во 2014 година во однос на периодот 2007-2013 и во однос на 2013 година се зголемиле кај пченката за 5,99% и 6,44%, соодветно, кај јачменот за 30,31% и 24,22%, кај ржта за 21,38% и 15,54%, кај овезот за 17,79% и 12%, соодветно, а се намалил само кај оризот.

Како последица на сето ова, според податоците публикувани во Статистичкиот годишник за 2015 година во 2014 година вкупно се произведени 625874 тони жито, што е за 10,91% повеќе отколку во 2013 година кога се произведени 557602 тони жито, односно за 13,29% во однос на просечното производство во периодот 2007-2013 година кога годишно просечно се призведувало 542675 тони жито.

Останува нејасно како е ова можно, особено ако се земе предвид дека ваквото фрапантно зголемување на просечните приноси е практично невозможно да се постигне за период од само една година и тоа без сериозни квалитативни промени, кои подразбираат наводнување на површините засеани под житни култури, сеопфатна примена на современи агро-технички средства, за што е неопходно драстично унапредување на образовната структура на производителите итн., што во Република Македонија не е случај, барем според податоците публикувани од страна на ДЗС.

Претходно изнесеното дава сериозна основа да се посомневаме во податоците кои ДЗС ги публикуваше за производството на житни култури во 2014 година. Меѓутоа, причина за сомнеж во овие податоци е и фактот дека минатата година во екот на жетвата на пченицата Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, веројатно со цел да ја импресионира јавноста за успехот на преродбата, соопшти дека од 60% ожнеани површини со пченица остварен е просечен принос од 3500 килограми по хектар.

Тоа значи, за од сите површини да се добие принос од 3755 килограми по хектар, од останатите 40% површини засеани под пченица требало да се остварат околу приближно 4138 килограми по хектар. Можда ова е прифатливо за владеачката врхушка, па затоа и се пласира во јавноста, но мене лично ме интересира каде се наоѓаат и како се обработуваат овие 40% или приближно 30750 хектари од засеаните површини под пченица, на кои минатата година е остварено производство кое на Балканскиот полуостров е својствено само за Источна Славонија и Војводина.

Втора причина за сомнеж во веродостојноста на споменатите податоци е и фактот дека, повторно според ДЗС во 2014 година за 4,02% се зголемил увозот на житарици и преработки од жито, што е крајно нелогично, особено ако се земе предвид прикажаното зголемување на производството на жито од 10,91%, скоро непроменетиот сточен фонд и секако масовното иселување на граѓаните надвор од границите од Република Македонија, при што изминативе десетина години државата ја напуштиле приближно 360000 лица.

ПОРАСТ НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА КРМНИ И ИНДУСТРИСКИ РАСТЕНИЈА,ПРИНОСИТЕ ОД ЛИВАДИТЕ И ПАСИШТА ИЛИ …

Во табела 2 се дадени податоци за производството на крмни растенија и приносите од ливадите и пасиштата во периодот од 2007-2013 година и за 2013 и 2014 година.Malcheski 02Од презентираните податоци може да се види дека вкупното производство на крмни растенија во 2014 година изнесувало 255082 тони и тоа е за 24,75% поголемо од вкупното производство во 2013 година, а за 23,71% повисоко од просечното годишно производство во периодот од 2007-2013 година.

Понатаму, од самите податоци може да се види дека драстичниот пораст на вкупното производство се должи на порастот на просечните приноси по хектар. Имено, од табела 2 може да се види дека приносите по хектар во 2014 година во однос на периодот 2007-2013 и во однос на 2013 година се зголемиле кај детелината 15,71% и 25,91% соодветно, кај луцерката за 5,98% и 13,59%, кај добиточниот грашок – сено за 28,10% и 35,59%, кај крмната пченка за 12,30% и во двата случаја и кај добиточната репка за 15,58% во 2014 во однос на 2013 година.

Слично, ДЗС прикажува дека просечните приноси по хектар од ливадите во 2014 година во однос на периодот 2007-2013 година и во однос на 2013 година се повисоки за 22,98%, што не е случај со просечните приноси од пасиштата за кои според ДЗС во 2014 година имаме намалување во однос на 2013 година и тоа за 2,01%.

Како и во случај со житните култури и овде има место за сериозно сомневање во веродостојноста на презентираните податоци. Имено, дел од крмните растенија се повеќегодишни, па така за само една година не е можно ваквото драстично зголемување на просечниот принос по хектар, особено ако се има предвид фактот дека површините засеани со крмни растенија скоро и да не подлежат на континуирано наводнување.

Притоа, порастот на приносите не може да се оправда со поволни хидрометереолошки услови, бидејќи во истата 2014 година приносите од пасиштата бележат опаѓање во однос на 2013 година. Конечно, сомнежот дека нешто не е во ред со презентираните податоци од страна на ДЗС го зголемуваат и податоците за увезената добиточна храна во текот на 2014 година. Имено, сточниот фонд во 2014 година бележи минимално намалување во однос на 2013 година.

Меѓутоа, и покрај драстичното зголемување на производството на крмни растенија и житарици во истата 2014 година во однос на 2013 година имаме зголемување на увозот на добиточна храна за 15,38%.Malcheski 03Парадоксална ситуација слична на претходно споменатите може да се види и во случајот со производството на тутун и сончоглед. Имено, просто неверојатно изгледа податокот дека просечното годишно производство на тутун по хектар во 2014 година е повисоко од истото за периодот од 2007-2013 година и 2013 година за 16,59% и 9,08%, соодветно.

Уште подрастичен е случајот со сончогледот, каде според ДЗС просечниот принос во 2014 година во однос на 2013 година е повисок за дури 20,78%, а во однос на периодот 2007-2013 година во 2014 година е повисок за дури за 23,50%. Јасно, вакви драстични зголемувања на приносот по единица површина се можни само во случај на драстична промена на технологијата на производство, што кај нас не е случај, па затоа добро би било ДЗС на јавноста да и соопшти како дошол до овие во најмала рака чудни податоци.

На крајот од овој дел ќе споменеме уште еден податок, кој е надвор од претходните разгледувања, а кој се однесува на лозјата и производството на грозје. Имено, според Статистичкиот годишник за 2015 година во 2013 година во Македонија вкупно имало 83610000 пенушки, од кои 82354000 биле родни. Јасно, во ова нема ништо чудно, но чудно е како тоа во 2014 година имало 85986000 пенушки, од кои замислете дури 84481000 биле родни.

Каде е проблемот? Па, како е можно вкупниот број на пенушки во 2013 година да е за 871000 помал од бројот на родните пенушки во 2014 година. Јасно, ова не е можно, освен ако реформаторите не измислиле нова сорта винова лоза која истата година кога ќе се посади почнува и да дава род. Колку ефтин трик и да не е жалосно тоа што го прават, ова би било навистина смешно.

КРАТОК ОСВРТ НА СТОЧАРСКОТО ПРОИЗВОДСТВО ВО 2014 ГОДИНА

Претходно споменавме дека во разгледуваниот период промените во сточниот фонд се минимални, што може и да се види и од податоците дадени во табела 4.Malcheski 04Од податоците дадени во табела 4 забележуваме дека после драстичното намалување на бројот на говедата, кој во 2013 година е за 6,36% помал од просекот во периодот од 2007-2013 година, во 2014 година имаме минимално зголемување на истиот. Сепак, бројот на говедата во 2014 година е помал од просекот во периодот 2007-2013 година и тоа за 4,92%.

Понатаму, од податоците дадени во истата табела може да се забележи дека бројот на свињите и понатаму бележи намалување и истиот во 2014 година во споредба со годишниот просек во периодот 2007-2013 година и 2013 година е помал за 23,54% и 1,48% соодветно. Освен тоа, во 2014 година бројот на овците во однос на 2013 година се зголемил за 1,18%, но тој во споредба со просечниот број на овци во периодот 2007-2013 година е помал дури за 4,16%.

Како кај свињите, така и кај коњите имаме постојано намалување на бројот на грла, што не е случај со живината. Имено, во 2013 година бројот на живината во споредба со просечниот број за периодот 2007-2013 година се зголемил за 6,1%, но веќе следната 2014 година во споредба со 2013 година опаднал за 13,49%.

Во предочените податоци и движења на бројот на добитокот и живината нема ништо чудно и спорно, меѓутоа како што веќе рековме чудно е тоа што во 2014 година во споредба со 2013 година во глобала имаме намалување на добитокот и живината, но и покрај наводното драстично зголемување на производството на жито и крмни растенија, како и драстичното зголемување на приносите од ливадите имаме сериозно зголемување на увозот на добиточна храна од дури 15,38%. Е ова навистина некој од надлежните во ДЗС, Министерството за земјоделство, водостопанстви и шумарство или Владата на Р. Македонија треба да го објасни.

Во табела 4 се дадени и податоците за движењето на бројот на пчелните семејства во разгледуваниот период. Како што можеме да забележиме во 2014 година во споредба со периодот 2007-2013 година и 2013 година имаме зголемување на бројот на пчелните семејства од 18,60% и 8,16%. На прв поглед изгледа дека со овие показатели се е во ред, но ако истите се компарираат со производството на мед ќе забележиме дека имаме сериозни неусогласеност.

Имено, ваквото драстично зголемување на бројот на пчелните семејства не е проследено и со зголемување на производството на мед, кое во 2014 година во споредба со просечното годишно производство за периодот 2007-2013 година е помало дури за 10,23%, види табела 5.

Податоците дадени во табела 4 сами по себе имаат значење, но нивното вистинско значење може да се види доколку истите се компарираат со податоците дадени во табела 5. Имено, како што може да се види во 2014 година, споредено со 2013 незначително е зголемено производството на говедско месо, но истото во споредба со просечното годишно производство за периодот 2007-2013 година е помало дури за 12,01%.

Понатаму, како што рековме во 2014 година во споредба со 2013 година имаме намалување на бројот на свињите и тоа за 2438 свињи, а додека производствотѕо на свињско месо се зголемило за 1041 тон, односно за 11,77%. На прв поглед ова е во ред, но на долги патеки ваквиот тренд е погубен бидејќи производството на свињско месо веќе низа години бележи нагорни резултати на сметка на намалување на бројот на свињите.

Што се однесува до производството на овчко месо, од податоците дадени во табела 5 може да се забележи дека и покрај бројните субвенции, во 2014 година нема зголемување во однос на 2013 година, а додека во однос на просечното годишно производство за периодот 2007-2013 година производството во 2014 година е помало за 759 тони, односно за 13,83%. Кога сме кај овците, да забележиме дека податоците се малку противречни.

Имено, според ДЗС бројот на овците во 2014 година во однос на просечниот број за периодот 2007-2013 година е помал за 4,16%, а додека производството на волна во 2014 година во споредба со просечното годишно производство на волна за периодот 2007-2013 година е помало за 17,47%. Чудно, зарем не!Malcheski 05На крајот од овој дел да забележиме дека најчудна е состојбата со податоците за бројот на живината, производството на живинско месо и производството на јајца. Имено, во 2014 година во споредба со 2013 година имаме намалување на бројот на живината за 13,49%. Меѓутоа, од податоците дадени во табела 5 може да се види дека според ДЗС во 2014 година имаме зголемување на производството на живинско месо и тоа за 11,66%, што можда е логично.

Но, крајно нелогично е што истовремено имаме драстично зголемување на производството на јајца и тоа за неверојатни 32000000 милиони, односно дури за 14,82%. Навистина шокантно, особено ако се земе предвид дека според ДЗС во 2014 година имаме 173 јајца по една кокошка, а во 2013 тој број е 174.

ПОЗИТИВЕН ТРЕНД ВО ТРГОВСКАТА РАЗМЕНА СО СТРАНСТВО ИЛИ САМОФАЛЕЊЕ БЕЗ РЕАЛНА ОСНОВА 

Во претходните разгледувања видовме дека според ДЗС имаме невиден пораст на земјоделското производство кај разгледуваните производи, но такви се и податоците за останатите земјоделски производи. Така, повторно според податоците кои се публикувани во Статистичкиот годишник за 2015 година во 2013 година вкупно се произведени 1021844 тони овошје и зеленчук, а додека во 2014 година производството се зголемило на 1085785 тони, што претставува зголемување од забележителни 6,26%.

Секако, доколку овие податоци се точни тоа треба да резултира и со зголемување на покриеноста на увозот со извозот, нешто што невешто во периодот октомври-ноември 2013 година од парламентарната говорница се обиде да го пласира еден висок владин фнкционер. Меѓутоа, бројките говорат нешто сосема друго, па затоа да ги погледнме податоците дадени во табела 6.Malcheski 06Од презентираните податоци дадени во табела 6 може да се забележи дека за разгледуваните стокови сектори увозот во 2014 година во споредба со увозот во 2013 година е намален за 12471000 САД долари или за 1,62%. Секако ова е позитивен тренд, меѓутоа проблемот се јавува кај извозот и реалните податоци воопшто не кореспондираат со тврдењето на споменатиот владин функционер.

Имено, во 2014 година во споредба со 2013 година извозот на споменатите стокови сектори е намален за 22994000 САД долари, што е спротивно од јавно изнесените тврдења. Природно, ваквиот тренд на увозот и извозот резултирал и на намалување на покриеноста на увозот со извозот.

Така, во 2013 година покриеноста на увозот со извозот била 83,35%, а истата во 2014 година изнесувала 81,68%, што значи била помала за забележителни 1,68%, па затоа тврдењата на споменатиот владин функционер едноставно може да се окарактеризираат како обид за бескрупулозна манипулација на јавноста. Последното значи дека за да се задржела покриеноста на увозот со извозот на ниво од 2013 година требало да се оствари извоз во вредност од 629403000 САД долари, т.е. извозот требало да биде поголем за забележителни 12612000 САД долари, што значи за 2,04%.

Веќе навикнавме реформаторската врхушка да пласира податоци како што ним им одговара, па така често пати можеме да слушнеме дека земјоделската политика која ја спроведуваат дава досега невидени резултати. Притоа, најчесто имаме обиди за замајување на јавноста со бројни податоци и проценти, па затоа за споредба ќе земеме само еден податок од периодот 1999-2002 година.

Имено, во овој временски период покриеноста на увозот со извозот изнесувала 83,25%, а додека во периодот од 2007-2014 година покриеноста на увозот со извозот изнесувала 80,72%. Што ова значи, не треба посебно да се говори, но ќе споменеме дека само ако кон средствата кои се јавуваат како зголем дефицит од намалената покриеност на увозот со извозот ги додадеме субвенциите во земјоделието ќе дојдеме до податок дека, на пример, во 2014 година земјоделската политика која ја спроведуваат реформаторите ги чини граѓаните на Република Македонија повеќе од 110000000 САД долари, а како што видовме резултатите од истата се повеќе од скромни, да не кажам поразителни.

ЗА КРАЈ ИЗВИНУВАЊЕ НАМЕСТО ЗАКЛУЧОК

Имајќи го предвид претходно изнесеното, ми се наметнува впечатокот дека дел од вработените во ДЗС ниту малку не се чувствуваат пријатно од она што го прават. Секако, ова не се однесува на гордите послушници кои во ДЗС се донесени токму да ги спроведуваат наредбите на реформаторската врхушка. Јасно, оние кои тоа не се спремни да го прават се соочуваат со низа непријатности, а некои во минатиот период и беа разрешени од раководни позиции во ДЗС.

Не можам да се оттргнам од впечатокот дека една од причините за разрешување на некои раководни лица и нивна замена со лица кои немаат соодветно образование за позициите кои ги добиле, се токму дел од моите колумни посветени на состојбите во земјоделството во изминатитиот период.

Мислам дека во оваа група е и д-р Благица Новковска, која на почетокот на оваа година од за јавноста неразбирливи причини беше разрешена од директор на ДЗС. Оттука, доколку и најмалку сум придонесол за овие  кадровски промени, со кои професионалците се заменуваат со лица кои слепо ги извршуваат наредбите на владеачката врхушка не ми останува ништо друго освен на лицата кои изминатиот период се најдоа по удар на врхушката јавно да им се извинам за непријатностите приредени од страна на реформаторската клика, а кои се последица на моите пишувања и анализи.

Поврзани новости