Вистинска драма се случувала на денешното судско рочиште за „27 април“, бидејќи судијката Добрила Кацарска ги казнила сите адвокати со по 1.000 евра и ги избркала од судница.
Реакцијата на судијката Кацарска следувала откако претходно адвокатите реагирале на условите во кои се одвивал распитот на загрозениот сведок С1, по што судијката ги обвинила за нарушување на редот во судницата.
Адвокатите го прогласија бркањето за скандал бидејќи судот решил да им определи бранители по службена должност на обвинетите.
Според објаснувањето на адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, Кацарска ги казнила во моментот кога тие се побуниле дека немаат услови за работа во старата зграда на Кривичниот суд, откако беа преместени од големата сала во новата зграда на судот поради технички причини, т.е. поради неможноста да се мутира добро гласот на загрозениот сведок.
Според Давидовиќ, Кацарска ги казнила поради попречување на текот на судскиот процес, што според нив не било попречување, туку поплаки дека не може да работат стоечки и не може да фаќаат белешки на колена.
Обвинителката Вилма Русковска рече дека во судницата во старата зграда на Кривичниот суд бил сослушуван загрозен сведок за обемниот предмет Диво насеље и никогаш немало жалби и поплаки од адвокатите за условите за работа во судницата.
Сведоци на оваа драма не беа новинарите, бидејќи пред почетокот на судското рочиште судијката Кацарска одлучи сведочењето на загрозениот сведок да биде зад затворени врати.