ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на изјавата на Шилегов дека судиите кои гласале за одлуката претседателот на државата да може да помилува осудени за изборни измами се послушници на владејачката партија. Според партијата, тие останувале на ставот секој што направил криминално дело да одговара и се сомневале дека од ваквата одлука на Уставниот суд најголем интерес има СДСМ.
-ВМРО-ДПМНЕ е партијата која и покрај противењето на СДСМ во 2009 година ги предложи измените во Законот за помилување.
Со тие измени се предвиде да не може да има помилување за одредени категории осуденици како оние на кои им одредена казна за дела поврзани со избори, педофилија и слично. ВМРО ДПМНЕ останува со ист став и денес. Секој што сторил каков било криминал, треба да одговара. Таков беше ставот и кога обвинетиот криминалец Зоран Заев беше аболициран од страна на Бранко Црвенковски. Затоа ВМРО ДПМНЕ отворено се сомнева дека токму СДСМ има најголем интерес за една ваква одлука, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија додаваат дека СДСМ денеска во препознатлив стил се обидела да ја манипулира јавноста и да лаже дека ВМРО ДПМНЕ стоело зад одлуката на Уставен суд.