ДПМНЕ-РЕТРОГРАДНА

by Фокус

Како што давеникот во својот очај, во последните моменти, со надеж за спас се фаќа за сламка, така и некогаш моќниот Груевски тетеравејќи се очајнички се обидува да изнајде начин да ја изигра опозицијата, но и целокупната домашна и меѓународна јавност. Со тоа што не го почитува договореното, Груевски стана дефиниција за лицемерие и неодговорност, лукавост и кукавичлук.

Драган АЛЧИНОВ

И на оние малку птици кои не се преселија на југ им е јасно- кој и зошто го блокира Договорот од Пржино. Договорот од Пржино од страна на власта се третира како уште една ,,тоалет хартија’’.

Но, сепак, и покрај таквиот третман од страна на власта, Пржино не е акт за една употреба. Процесот предвиден во Пржино е многу поголем од теснопартиските интереси. Тоа е процес далеку поважен од тоа која партија ќе победи на наредните избори.

Договореното во Пржино е државнички акт, во кој се предвидува и од страна на четирите најголеми партии и меѓународната заедница се гарантира отпочнувањето на историскиот процес на чистење на Р. Македонија од корупцијата и криминалот во највисоките ешалони на власта.

Тоа е договор кој заговара конечно расчистување со мрачното минато и со политичкиот примитивизам. Договор чие исполнување широко ја отвара вратата за прогресот на Р. Македонија кон европскиот систем на вредности и кон семејството на европските народи.

Затоа велам дека Договорот од Пржино не е само уште еден чин на дневно-политичко препукување. Пржино е поголем од партиите, од власта и од опозицијата, поголем од лидерите и поголем од изборите. Пржино е шанса за рестарт на системот, за свеж почеток неоптоварен со тешкиот товар од минатото, но за разлика од 1991- со значајни искуства за несовршеностите на политиката.

Со еден збор кажано- исполнувањето на Договорот од Пржино е чин на создавање на историја. Исполнувањето на договореното во Пржино еден ден ќе се изучува во читанките по историја, заедно со Крушевската Република, АСНОМ и Референдумот за независност.

Но, владејачката партија, опкружена со своите верни сателити и во тесна соработка со институциите изнаоѓа крајно лукави начини за да го забави политичкиот процес исцртан во Пржино. Груевски делумно (а можеби и целосно со тоа што бара испитување на уставноста на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривичните дела кои произлегуваат и се поврзани со незаконското следење на комуникациите) ја блокира работата на Специјалниот Јавен обвинител- и со тоа директно влијае на процесот на остварување на правдата и владеењето на правото, не ги почитува препораките на релевантните домашни и странски мониторинг агенции за изборите, целосно ги опструира договорените министри и заменици-министри кои требаше да допринесат за создавање техничка влада и остранување на негативните појави поврзани со изборите.

Мотивацијата за тоа е повеќе од јасна: овде не се работи само за зачувување на власта, туку за зачувување на сопствената глава. Како што давеникот во својот очај во последните моменти, со надеж за спас се фаќа за сламка, така и некогаш моќниот Груевски тетеравејќи се очајнички се обидува да изнајде начин да ја изигра опозицијата, но и целокупната домашна и меѓународна јавност.

Каква дрскост е тоа да не се почитува договореното? Зар некој друг во име на Груевски се потпиша на Договорот од Пржино и на Протоколот? Тој самиот стави потпис на Договорот и неколкупати во јавноста тврдеше дека Договорот треба да се исполни и дека тој и неговата партија нема да бидат пречка за исполнување на истиот. Со тоа што не го почитува договореното, Груевски стана дефиниција за лицемерие и неодговорност, лукавост и кукавичлук.

Опструирајќи го Пржино, Груевски и ДПМНЕ уште еднаш ја потврдија својата улога на ретрограден елемент во македонската политика. За Груевски и неговата партија процесот од Пржино е уште еден чин на дневна политика, уште едно поле на кое треба да се изигра опозицијата и меѓународните партнери. Единствено во опструкцијата на договореното Груевски го гледа својот опстанок.

Тој знае дека ако дозволи да се исполни Пржино- тоа ќе биде неговиот крај. Му се заканува не само губење на власта, туку и губење на слободата. Затоа со последни сили се обидува да го блокира или барем забави процесот со надеж дека некаква deux ex machine ќе го спаси од понесување политичка и кривична одговорност.

Вчерашната изјава на Ванхоуте во која не’ споредува со Белорусија е силен удар во кулата од карти која Груевски ја гради изминативе недели. Македонија знае и Европа знае што се случува. Неговите петпарачки, маалски финти ни се веќе добро познати на сите. На сите ни е јасно дека Груевски и ДПМНЕ се обидуваат да си ја спасат свопствената кожа и дека со тоа стојат на патот на нормализацијата и европеизацијата на Македонија.

Демонстрирајќи вакво насилие и неодговорност, усовршувајќи го сопствениот примитивизам, Груевски си штети самиот себеси но и штети и на Македонија. Затоа што Пржино е поважно од Груевски и од Заев, од ДПМНЕ и од СДСМ. Пржино е еден историски процес со непроценлива важност. Опструкции на Пржино се опструкции на светлата иднина на Македонија.

Опструирајќи го Пржино Груевски, неговата партија, неговите сателити и институции стојат на патот на остварувањето на тој државнички процес. Со тоа тие се утврдуваат на позицијата главен ретрограден елемент во македонското општество. Од тој ретрограден елемент ние треба час поскоро да се решиме.

Поврзани новости