Аплаудирајќи му на судот Сулејман Османи, обвинет во случајот Диво Насеље, ја „поздрави“ одлуката дека е осуден на доживотен затвор, а која денеска беше соопштена во Кривичниот суд.
На Османи му се судеше во посебна псотапка за разлика од останатите 37 обвинети во овој случај, бидејќи тој една година не беше достапен за органите на прогонот, односно беше во Косово. По неговата екстрадиција му се судеше во издвоена постапка.
Судијата Горан Бошевски посочи дека обвинетиот е виновен за учество во терористичка организација и тероризам поради што го осуди на доживотен затвор. Тој појасни дека иако обвинетиот Османи во текот на постапката не ги признавал делата кои му се ставаат на товар, сепак судот одлуката ја донел ценејќи ги сите материјални докази.
Судијата посочи дека по јавното објавување на пресудата, јавноста ќе може да ги види доказите кои произлегуваат од посебни истражните мерки, кои до сега се чуваа во тајност, а откако ќе ги чуе, рече судијата, ќе се отргнат сите шпекулации кои кружеа изминативе години.
Вчера судот осуди на казна доживотен затвор седумина обвинети за терористичкиот напад во кумановско Диво Насеље, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор. На казна затвор од 20 години пак се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.
Четворица од обвинетите, пак добија и ослободителна пресуда бидејќи како што истакна вчера судијката Верка Петровска, обвинителството не доставило доволно докази.
Валентина Вурмо