Усеин Р. (59) од Кочани, кој во септември лани со 40 убоди со нож ја уби 46-годишната Танкица Младеновска од Кочани денеска е осуден на казна доживотен затвор.
Тој се сомничеше дека на 25 септември лани, на свиреп начин ја лиши од живот Танкица, нанесувајќи ѝ многубројни убоди со нож. Таа почина на местото на настанот.
По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за кривично дело – Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, при што за сторителот е изречена казна – доживотен затвор.
Во обвинението, Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – Уцена кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка.
Платформата за родова еднаквост лани реагираше до Јавното обвинителство со барање ова убиство да биде квалификувано како фемицид при вршење на родово базирано насилство истакнувајќи дека институциите не го препознаваат родово базираното насилство, и овој случај го водат како убиство на свиреп начин.