Дождот во Струмичко предизвика штети на повеќе локации, а најсериозно е во општина Ново Село, каде е затворен за сообраќај патниот правец меѓу селата Мокрино и Смолари поради појава на свлечиште и одрони, додека во селото Мокрино поплавени се неколку куќи и дворови од излевање на локален водотек.
-Патниот правец Смоларе-Дражево беше синоќа во прекин, но со брзата интервенција е исчистен и е прооден. Имаме информации дека во селото Мокрино се поплавени неколку куќи и дворови. Имаме и таму екипи кои работат на расчистување и во текот на денешниот ден ќе се изврши процена на првичните штети. Одронот во близина на селото Самоилово рано наутро е расчистен – информираше градоначалникот Ѓорѓе Божинов.
Во Општина Босилово засега има излевање на едно место на реката Турија кај селото Турново. Според информациите од градоначалникот Ристо Манчев, на местото на излевањето има еден багер и засега состојбата е под контрола. Во селото Банско, пак, екипи на струмички „Комуналец“ работат на расчистување на одрони предизвикани од водите од планината Беласица и таму засега состојбата е стабилна.
Освен надојдената река, во Делчевскиот регион, исто така, проблеми прават и одроните. Откако синоќа не беше препорачливо движењето по магистралата А3 поради одрони, денес како што информира раководителот на подружницата на Македонија пат, Влатко Цоневски, делницата Делчево – М.Каменица – Кочани редовно се чисти од одрони. Сепак, според него, останува апелот да се вози внимателно на овој патен правец.