Владата на Груевски се обврзa дека субвенциите ќе ги исплаќа според „календарот на субвенции“. Но, на голем дел од земјоделците власта се уште ги нема исплатено субвенциите за 2012 и 2013 година иако законскиот рок за исплата одамна е поминат, обвини денеска Татјана Прентовиќ, претседателка на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
Таа вели дека тутунарите не само што ги немаат добиено ланските субвенции туку Власта нема решение ниту за вишокот тутун.
– И сточарите се оставени сами на себе. Болеста „Син јазик“ зафати околу 30.000 животни од кои 7.000 угинаа. Токму поради неагилноста на институциите сточарите се уште претрпуваат штета во своите стада. Мерките на Владата се задоцнети а не се исплатени ниту обврските кон сточарите за изминатите две години – додаде Прентовиќ.
Дополнително, вели таа, во предлог Буџетот за 2015 година Владата ја намалува сумата за субвенции за над 2 милиони евра.
– Давањето на дивечот под концесија е апсурден и го нема во ниедна друга земја во Европа. Прво се избира најдобар понудувач, a потоа во рок од 60 дена се разгледуваат материјално-техничките можности за вршење на дејноста ловство. Нелогично е прво да се донесе одлука без претходно да се разгледаат овие параметри. На тој начин, концесијата ја добиваат само лица што имаат пари а немаат стручност и ловостопански објекти – објасни претседателката на опозициската комисија.