По хаосот и гужвите на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, синоќа околу 21 часот, во поголем дел е нормализиран авиосообраќајот. Од компанијата соопштија дека до денеска претпладне ќе има отстапувања од планираниот распоред на летање и дека е можно доцнење на некои летови и до два часа поради вонреден преглед на терминалот за поаѓање на аеродромот „Никола Тесла“.
„Се извинуваме за непријатностите и им благодариме за соработката и разбирањето на патниците, авиокомпаниите, Министерството за внатрешни работи и сите надлежни служби“, соопштија од аеродромот.
Вчера четири часа од аеродромот „Никола Тесла“ не полетал ниту еден авион. Првиот лет по паузата бил на „Ер Србија“ за Барселона во 21:30 часот.
На белградскиот аеродром вчера попладне имаше огромен метеж поради грешка во редовниот проток на патници. Српското МВР информира дека поради настанатата грешка, во транзитната зона настанала мешаница меѓу патници кои пристигнале од Скопје со други патници кои требало да патуваат на европски и светски дестинации, а кои претходно ги поминале задолжителните контроли. Авиосообраќајот привремено беше во прекин, а патниците мораа повторно да ги поминат сите безбедносни контроли.