Доста е од тајни преговори позади завеса

by Фокус

Доста е. Триесет години се прават тајни договори, кои ја уриваат Македонија. Мора да се врати вербата кај народот.

Пишува: Александар НИКОЛОСКИ

Интензивна е политичката ситуација во Македонија, се наоѓаме пред големи предизвици, следните избори ќе решат голем дел од прашањата.

Предизвик е состојбата со владеењето на правото. Она што сега се забележува и се разликува од години наназад е тоа што корупцијата се спушти на најниско ниво. Буквално на најниско можно ниво.

Години наназад зборувавме за корупција на високо ниво, која беше лоша и сега системот се урнисува и оди надолу, што создава два феномени.

Економијата не напредува, напротив назадува и многу луѓе решаваат да заминат не можејќи да се борат во систем, во кој треба да имаш роднина на шалтер или да почестиш нешто за да завршиш обична работа, што не смее да биде дозволено. Тоа е тажна вистина што ѝ се случува на Македонија.

ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

Граѓаните, ако порано заминувале од економски и од егзистенцијални причини, сега заминуваат затоа што нема никаков ред во државата. Нема владеење на правото, нема систем.

Јас постојано сум на терен и имам контакт со граѓаните, првпат одговорот на тоа зошто луѓето си заминуваат се смени интензивно пред 3 до 5 години, кога почнаа да одговараат со тоа дека нема ред, а другите заради децата затоа што нема ред во здравството, образованието.

Се изгубија основните вредности, а тоа се работи што се средуваат за 6 до 9 месеци. Со добра работа може да се има резултати. Треба само да се работи согласно законите и луѓето да се ослободат.

За борбата со криминалот и корупцијата треба да се ослободат институциите и секторски да се направи таа битка.

ДА СЕ НАПРАВИ РЕД

Сите знаеме кои се корумпирани доктори, но тоа треба да се истражи. Тие што не се, да им се тргне таквиот имиџ, а тие што се, не смеат да останат доктори и да одговараат.

Слушаме кои се корумпирани полицајци. Истото треба и таму да се направи и во секој друг сектор.

Доколку во секој сектор државата удри во тие што се симбол на уривање на системот потоа здравите единки ќе го градат системот, затоа што сметам дека 90 проценти од луѓето што работат јавна работа се квалитетни и мотивирани, но 10 проценти го уриваат угледот и тие се најагресивни и го уништуваат системот.

Мора да се направи ред и битката со корупцијата да почне од најниско ниво.

Таа битка треба да почне со напуштање на праксата на договори на политичарите позади сцена. Доста е. Триесет години се прават тајни договори, кои ја уриваат Македонија. Мора да се врати вербата кај народот.

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости